
Во следната епизода на култната анимирана серија „Симпсонови“ (The Simpsons) ќе се појави лик од Македонија, а во креирањето на содржината учествуваа тројца македонски автори – Невена, нејзиниот брат Наум и сестра ѝ Калина, познати по едукативниот детски Јутјуб канал „Дарко Биберко“.
Во епизодата со наслов „Abe League of Their Moe“, која ќе се емитува на 27 април 2025 година во 20:00 часот по источно американско време (02:00 часот по македонско време) на американската телевизија Фокс, гледачите ќе имаат можност да запознаат спортист од Македонија кој пристигнува во Спрингфилд како вистинска сензација – и тоа во, како што шеговито се наведува, „најисконскиот македонски спорт“ – бејзбол.
Соработката, како што додава Невена, била овозможена благодарение на композиторката Кара Талве, која што подолго време работи на серијата.
Во епизодата, Грампa Симпсон и Мо Сислак регрутираат талентиран бејзбол играч од Македонија за локалниот тим „Springfield Isotopes“. Но, наместо само спортска приказна, епизодата обработува и подлабоки теми – пријателство, натпреварување и чесна игра, со типичниот хумор и топлина кои се заштитен знак на серијата.
Фамилијата Нешкоски, познати како креатори на детскиот едукативниот јутјуб канал „Дарко Биберко“, имале повеќекратна улога во подготовката на епизодата – од превод, преку консултации, до интерпретација на песна која ја испеале на македонски јазик.