„LifePal“ – победници на Националниот натпревар на ученички компании

Извор: Џуниор Ачивмент Македонија

Победник на националниот натпревар на ученички компании за учебната 2020/2021 година, организиран од Џуниор Ачивмент Македонија, е ученичката компанија „LifePal“ од скопската гимназија Никола Карев. Нивната компанија нуди интересно и практично решение за непредвидливи ситуации од секојдневниот живот на училиште, работа или при рекреација. Неопходните сетови претставуваат мали пакетчиња составени од неколку производи, кои ќе бидат лесно достапни од поставените вендинг машини.

Тимот на „LifePal” ќе учествува на Европскиот натпревар на ученички компании, кој годинава се оддржува виртуелно од 13 до 15 јули. За прв пат, Џуниор Ачивмент Европа и Џуниор Ачивмент Литванија во еден голем настан ГЕНЕРАЦИЈА-Е, ќе ги спојат двата натпревари кои го слават преприемништвото, информираат од Џуниор Ачивмент Македонија.

Второнаградената ученичка компанија е „TechBook“ од гимназијата Јосип Броз Тито од Скопје, која нуди смарт тетратка и веб страна. Веб страната е од едукативен карактер и нуди простор за зачувување на белешките и корисни видеа. Смарт тетратката ќе го олесни начинот на пишување и организирање на училишните белешки и задачи и нуди директен пренос на податоците на компјутер.

Третото место го освои ученичката компанија „Grow Green“ од средното училиште Кочо Рацин од Скопје, која ја разви идејата за еко кафетерија, чии производи се биоразградливи и еколошки. Специфичните растенија кои ќе се одгледуваат во просторот имаат улога на декор и прочистувач на воздухот и ќе бидат користени во продажбата.

Ова се дел од идеите кои шестчлената жири комисија имаше можност да ги слушне од учениците. На натпреварот, кој се одржа од 10 до 31 мај 2021 година, учествуваа 108 ученици од 23 тима од средни училишта од Берово, Битола, Велес, Гевгелија, Кочани, Куманово, Охрид, Прилеп и Скопје.

Џуниор Ачивмент Македонија, оваа година додели награда за најдобра презентација на производот или услугата, преку социјалните мрежи и видеото на ученичката компанија Health Activity Providers од ССОУ Димитрија Чуповски од Велес. За посветеноста во работењето во програмата беа доделени и наградите за најдобар наставник на г-ѓа Снежана Бошковска од гимназијата Никола Карев од Скопје и најпретприемничко училиште – СОЕПТУ Кузман Јосифовски – Питу од Прилеп. За прв пат, Џуниор Ачивмент Македонија додели и награда за најдобар есеј за етичка дилема во бизнис. Ученикот Давид Арсовски од СЕПУГС Васил Антевски Дрен, најуспешно го одбрани својот критички став на дадениот предизвик за етичко однесување.

Во текот на вчерашниот ден се одржа официјалниот настан за прогласување на најдобрата ученичка компанија. Преку свои обраќања, учесниците ги поздравија: Ерик Јановски, претставник на Канцеларијата на УСАИД во РСМ, Коста Петров, директор на ФИТР и Мила Царовска, министерка за образование и наука.

Националниот натпревар е дел од Проектот за Поддршка на претприемничко учење во Европа и Евроазија, поддржан од УСАИД, Фондот за иновации и технолошки развој и Агенцијата за поддршка на претприемништво на РСМ. Трите најдобри тимови беа наградени и од овогодинешните помагатели СЕМОС едукација и ПАКОМАК.