Судскиот процес за случајот „Транспортер“, што го отвори Специјалното јавно обвинителство, а во кој првообвинет е битолскиот градоначалник Владимир Талески, ќе го води судијката Лидија Петровска, соопшти денеска Кривичниот суд во Скопје.

Како што информираат оттаму, Советот за оценка на обвинителен акт при Основниот суд Скопје 1 го одобрил обвинението што го поднесе Специјалното јавно обвинителство за случајот „Транспортер“, во кој Талески и уште 20 лица се обвинети за злоупотреби со превозот на ученици во Битола, тешки околу 300.000 евра.

Предметот кај Петровска бил распореден според автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети (АКМИС), а терминот кога ќе почне судењето ќе биде дополнително одреден.

„Советот за оценка на обвинителен акт при Основниот суд Скопје 1 кој постапуваше по обвинителниот акт поднесен од Основното јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО) против 21 лице за предметот во јавноста познат како „Транспортер“, по добивање и разгледување на приговорите на странките во постапката во однос на обвинението, како и ценејќи ги фактите врз кои е заснован актот, донесе одлука со која го одобри обвинителниот акт. Откако обвинителниот акт, согласно АКМИС – електронскиот систем, е распореден на судија Лидија Петровска за понатамошно постапување во судечки совет, ќе биде закажан термин за одржување на главна расправа за што странките ќе бидат известени, а јавноста ќе биде благовремено информирана“, стои во соопштението на Основниот суд Скопје 1.

Специјалното јавно обвинителство обвинителниот акт за случајот „Транспортер“ го поднесе во судот на почетокот на април оваа година.

Инаку, судијката Петровска веќе го суди предметот на СЈО за случајот „Тврдина 2“, во кој првообвинет е поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски.

СЈО во февруари оваа година до Советот за утврдување на факти поднесе претставка против Петровска заради нестручно и несовесно вршење на судската функција, а во септември минатата година бараше и нејзино изземање од случајот „Тврдина 2“.

Лидија Петровска беше спомената во една од „бомбите“ што во текот на 2015 година ги објави СДСМ. Во разговор воден меѓу судијката Софија Лаличиќ и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, се тврди дека Петровска местото го добила со купување подароци од брендот „Сваровски“ за тогашната претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова.