Photo by Guillaume Périgois on Unsplash

Потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за безбедносна и надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел вечерва во Брисел организира заедничка работна вечера со лидерите на шесте земји од Западен Балкан. Од Владата на РСМ потврдија дека премиерот Зоран Заев денеска и утре ќе оствари посета на Брисел, а вечерва ќе присуства на закажаниот настан од страна на шефот на дипломатијата на ЕУ.

„Западен Балкан е големо геополитичко прашање за ЕУ. Регионот е дел од проблемот, но и дел од решението. Затоа мора да го разгледаме од геополитички агол и тоа ќе го направиме на вечерата во Брисел на која се надевам ќе дојдат сите лидери од Западен Балкан“, порача Борел пред одржувањето на денешниот настан.

Заедничката работна вечера доаѓа во периодот кога низ неколку балкански медиуми беа лиферувани „нон-пејпери“ за промена на границите на дел од земјите од Западен Балкан, но и во екот на застојот на процесот на проширување на ЕУ со земјите од регионов. Меѓу нив е и бугарската блокада за почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.

Денешниот настан на кој се собираат лидерите од Западен Балкан е пракса која што ја започна претходничката на Жозеп Борел, Федерика Могерини. Шефот на дипломатијата на ЕУ на заедничката вечера се очекува да испрати пораки до лидерите на секоја од шесте земји.

Инаку, премиерот Зоран Заев утре Брисел ќе оствари со средба и со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел.