fbpx

Лидерите на партиите не договорија датум за избори, следната недела ќе се обидат на повторна средба

-

Лидерите на СДСМ Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на ДУИ Али Ахмети, на Алијанса за Албанците Зијадин Села, на Алтернатива Африм Гаши, на Движење Беса Билал Касами, како и претставници на ДПА, денеска имаа средба кај претседателот Стево Пендаровски и дискутираа за одржување на предвремените парламентарни избори, но не се договорија за датум.

Со консензус било одлучено дека здравјето на граѓаните останува приоритет, и за следната недела закажале нова лидерска средба.

Во однос на понатамошните чекори договорено е да се побара мислење од Комисијата за заразни болести во однос на мерките и протоколите кои треба да се почитуваат при одржување на изборни процеси во време на пандемијата на Ковид-19.

Државната изборна комисија е потребно да достави мислење за временските рокови кои и се потребни за завршување на подготовките за спроведување на изборниот процес, а исто така ќе биде побарано и мислење од Канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР за временската рамка во која може да испратат набљудувачка мисија за изборите.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев рече дека владејачката партија предложила неколку датуми, согласно тоа дали ќе биде или нема да биде продолжена вонредната состојба, но опозицијата не прифатила ниту еден од нив. Заев потенцираше дека СДСМ ги дале како предлог 8 јуни, 14 јуни, 21 јуни и 7 јули.

– Се согласивме дека нема поважна работа од здравјето на граѓаните, но ќе мора да живееме со корона вирусот бидејќи никој не може да каже кога ќе заврши оваа криза. Оттука е важно да го фатиме првиот момент за избори кој ќе биде прифатлив за сите, а тоа е летово. Ред е Владата да побара одговор од ОБСЕ кога ќе може да се испратат набљудувачи, а Комисијата за заразни болести да ги димензионира протоколите. Изборите се прогласени, а потребно е да се одржат за да се воспостават функционални институции. Останува заеднички сите да утврдиме датум – изјави Заев.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека партијата сака избори час поскоро, но не по цена на здравјето на граѓаните. Тој бара да бидат исполнети услови за фер и кредибилни избори.

Мицкоски потенцираше дека важно е мислењето на Комисијата за заразни болести како и ставот на Државната изборна комисија во однос на временските рокови потребни за организација на фер и кредибилни избори.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети рече дека очекува мислење од здравствените експерти, по што партијата ќе даде одговор во однос на датумот на изборите.

На средбата кај Пендаровски беа и премиерот Оливер Спасовски и претседателот на Собранието, Талат Цафери.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бујар Османи не ги прекинува предизборните активности

Од објавените наслови се добива впечаток дека Османи се откажува од претседателската трка, а вистината е дека поради здравствени семејни причини ги откажа предизборните активности на 16 април. Но,...