Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на одржаната прес-конференција

Лидерите на 27 земји-членки на Европската Унија рано утрово го постигнаа договорот за повеќегодишниот заеднички буџет и за фондот за закрепнување. После неколкудневните маратонски преговори, договорен е заедничкиот буџет на ЕУ во висина од 1.824 милијарди евра за периодот од 2021 до 2027 година, како и фондот за закрепнување на ЕУ во износ од 750 милијарди евра.

На еден од најдолгите самити во историјата на ЕУ беше договорено 390 милијарди евра од фондот за закрепнување да бидат бесповратна помош, додека 360 милијарди евра да се вбризгаат во европските економии како заеми. Овој пакет ќе служи за економско закрепнување на ЕУ од корона кризата.

Во однос на заедничкиот буџет на ЕУ, лидерите договорија Кохезискиот фонд за наредните седум години да изнесува 322 милијарди евра, додека Фондот за обновливи извори и животна средина да тежи 240 милијарди евра. Лидерите на ЕУ ги распределија средствата и за Единствениот пазар за иновации и дигитализација (132,7 милијарди евра), Фондот за соседство и свет (98,4 милијарди евра), Јавна администрација (73,1 милијарди евра), Фондот за миграција и управување со границите (22,6 милијарди евра) и Одбрана и безбедност (13,1 милијарди евра).

Во рамките на Фондот за соседство и свет, за земјите кои се во процес на евроинтеграции, вклучувајќи ја и Северна Македонија, преку инструментот за претпристапна помош (ИПА) во периодот до 2027 година ќе им бидат на располагање 12,5 милијарди евра.

Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел по постигнувањето на договорот меѓу лидерите на ЕУ изјави дека постојат неколку пионерски чекори што се прават за прв пат од страна на ЕУ, како што е јасното поврзување на буџетот на ЕУ со климатските цели, почитувањето на владеењето на правото како одлучувачки критериум за трошењето на идниот буџет и заедничкото засилување на економиите на ЕУ против корона кризата.