fbpx

Личниот банкрот нема да биде применлив на македонска почва поради високите камати

-

Во четиригодишната Програма на владата, покрај другото, е најавена имплементација на старата идеја за донесување на закон за личен стечај. Закон за личен стечај е најавен како модел за заштита на должникот и спречување на нови задолжувања. Но, и заштита на доверителите, кои ќе можат да ја наплатат реална вредност на долгот, со што би се спречил системот на должничка спирала, оцениле креаторите на Програмата.

Иако сè уште е неизвесно кога и како ќе се формулираат одредбите од ваквиот закон и кога тој би стартувал, експертите велат дека ваквиот закон нема да биде изводлив во македонски услови. Поради нискиот стандард и малите плати, невработеноста, особено сега, во време на ковид-криза, потоа, ниската или недоволна вредност на личниот имот, со чија продажба би требало да се подмират долговите, високите каматни стапки кои не мируваат, туку постојано растат и со тоа расте и долгот…

Накратко кажано, ваков закон на македонска почва би бил неприменлив, оценуваат правни експерти, кои за „Мета.мк“ велат дека се неопходни издржани консултации со стручни лица и квалитетна и обемна подготовка на текстот на законот за личен стечај. Велат дека во сегашни социјално-економски услови во земјава, сосема е доволна функцијата на извршителите за наплата на долговите на граѓаните, кои имаат полни раце работа со голем број на должници.

„Во ситуација кога во земјава имаме 140 илјади корисници на хипотекартни кредити и 150 илјади блокирани сметки, и да се донесе законот за личен стечај, кој е сè уште е во форма на намера, со вака високи камати на кредити кои постојано течат, должниците никогаш нема да бидат на „нула“. Законот ќе подразбира дека за долговите, по било каков основ, ќе се назначи стечаен управител, кој наместо должникот, ќе одлучува како да се трошат неговиоте пари. Прашањето е што, во случај кога должникот е без работа или нема имот за продажба? Но, и да има, пак нема да може долгот да се исплати во целост, поради каматите кои течат“, вели адвокатката Марина Црцаревска Саздова.

Таа додава дека успешно спроведување на закон за личен стечај можат да си дозволат само социјално богати држави, како на пример Германија, Скандинавските земји, Австрија… каде државата ги презема долговите на граѓаните и им ги отпишува на оние кои немаат никакви имоти за продажба. Во Германија и Белгија, на граѓаните кои не можат да си ги платат ратите за кредит, најчесто самите банките им даваат продолжување на роковите за отплата или привремено стопирање на ратите.

„Македонија треба да биде помека, потолерантна во овој дел и да се прецизираат категориите кои ќе бидат опфатени со законот, посебно сега во ситуација кога поради корона кризата многумина ги изгубија работните места. Затоа што со вакви високи камати, практично е невозможно да заживее закон за личен стечај. Неопходно да се направат измени во Законот за облигациони односи во делот на казнените и затезните камати“, посочува Црцаревска Саздова.

Според искуствата од други земји, прогласувањето личен банкрот не значи бришење на долговите на должникот, туку работењето со неговите финансии го презема стечаен управник, по претходна одлука на судот. Тој треба да ги подмири доверителите и да го репрограмира долгот на одреден период, да одлучи колку пари му остануваат на должникот за основни егзистенцијални потреби. Процедурата трае со години, зависно од висината на долгот и од вредноста на движниот и недвижниот имот на должникот. Слично како со стечајот на фирмите.

Личниот стечај функционира во многу европски држави. Од регионот, закони за личен банкрот имаат Словенија, Хрватска и Црна Гора. Во Словенија се воведе во 2008 година и од тогаш, годишно личен банкрот бараат околу 1.000 луѓе. Во Хрватска е донесен на крајот на 2013 година кога 15.000 граѓани беа спремни за личен банкрот. Условот беше, најмалку три месеци да не се во состојба да ги подмират своите долгови повисоки од 30.000 куни (4.000 евра). Управникот може должникот да го пресели во помал стан, да му го продаде автомобилот, мобилниот телефон…сè што смета дека не е потребно, додека не се отплати долгот. Финансискиот минимум, со кој банкротираното лице треба да живее месец дена, во период од неколку години е 800 куни (105 евра).
Сепак, спроведувањето на законот за личен стечај во Хрватска доведе до ситуација да останат пусти цели региони, чии жителите заминале надвор од државата затоа што им биле одземени земјишта и други имоти поради наплата на долгови.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...