Либералите бараат засилени психолошки контроли за полицајците и за војниците

Ако тројното убиство во Кавадарци беше шок за јавноста, вчерашното тројно убиство во Злетово покажува дека во македонските безбедносни и одбранбени сили подолго време кадровската и психолошката селекција и пристапот до оружје на нивните припадници се запоставени, реагираат од Либералната партија.

– Со тоа, се стекнува впечаток дека припадниците на безбедносните сили се препуштени сами на себе и дека тие, под притисок на личните (психолошки) проблеми, сè повеќе стануваат закана за граѓаните што треба да ги штитат, наместо за поединците и за групите што го загрозуваат мирот и безбедноста на граѓаните – стои во соопштението од Либералната партија.

Оттаму сметаат дека власта и партиите, воопшто, сега не смеат да се задоволат со истрага за сторено злосторство и со изразување сочувство со семејствата на жртвите и бараат да се воведат психолошки контроли за вооружените припадници на безбедносните и на одбранбените структури во земјата и да се воведат програми за ресоцијализација и за адаптација на припадниците на овие структури, а особено на оние кои учествувале во конфликтот од 2001 година или кои биле дел од македонските контингенти во Ирак и во Авганистан.

-Во спротивно, прашање е само кога бројот на вакви брутални убиства ќе се зголеми, а каубојското однесување на оние што треба да воведат ред, ќе предизвика отуѓување на граѓаните од институциите што треба да го гарантираат животот и имотот на граѓанинот – предупредуваат од ЛП.