„Истрагата е во тек, до кога?“, повторно денеска  прашаа припадниците на ЛГБТ-заедницата кои излегоа на мирен протест пред објектот на Јавно обвинителство. Околу триесетина протестанти, со фотографии од нападите на ЛГБТ и со списоци на кои беа набројани досегашните напади на ЛГБТ-заедницата, го блокираа влезот пред објектот во знак на револт од, како што велат, досегашната незаинтересираност на институциите за расветлување на овие случаи. Неколку припадници на ЛГБТ-заедницата беа легнати пред скалите на обвинителството, а на телата имаа навлечено црни ќеси. Овие лица требаше да симболизираат трупови до кои би можело да дојде, затоа што институциите не се ангажираат да ги најдат напаѓачите на оваа заедница.

– Сè додека напаѓачите не бидат изведени пред правдата, ние ќе протестираме. Досега не е фатен ниту еден напаѓач на ЛГБТ-центарот. Од МВР ни кажаа дека веќе поднеле извештај до Јавно обвинителство за нападот во 2013 година, како и за оној што се случи неодамна во кафулето „Дамар“. Но, оттаму сè уште нема ништо. Сите ја слушнавте изјавата на јавниот обвинител поради која мислиме дека тој не си ја врши работата – рече Уранија Пировска, претседателка на Хелсиншки комитет.