Пред претстојната сезона, туристичките работници очекуваат повеќе странски гости од лани, а процените говорат дека бројката ќе биде поголема за 10 отсто.

Првите туристи од Данска допатуваа во Охрид, а на почетокот на мај се очекуваат и традиционалните гости од Холандија и од Белгија.

Директорот на Агенцијата за промоција и за поддршка на туризмот, Кристијан Џамбазовски, очекува дека ќе имаме успешна туристичка сезона, односно дека ќе има пораст на бројката на странски туристи од 10 до 13 отсто.

За изградбата на новите хотели во охридско-струшкиот регион, вели дека значењето на ваквите објекти е повеќекратно, а не само за развој на локалниот туризам.

– Изградбата на хотелски комплекси придонесува за оформување квалитетни кадри, подобрување на услугата и на конкурентноста на македонскиот туристички производ. Туризмот е комплексна индустрија, има многу работи што придонесуваат за неговиот развој и состојби што можат да се подобрат – изјави Џамазовски на прославата на 20-годишнината од постоењето на групацијата „Фибула“.

Инфраструктурата е една од слабостите на нашиот туризам, а како недостаток ја посочуваат и странските туристи. Сепак, според Џамбазовски, подобрувањето на инфраструктурата е процес без крај.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во февруари 2015 година изнесува 29.743, а бројот на ноќевањата е 62.297.

Во однос на февруари 2014 година, бројот на туристи е зголемен за 9 проценти, а бројот на ноќевањата за 2,8 проценти.

Бројот на домашните туристи во февруари 2015 година, во однос на февруари 2014 година, е намален за 11,6 отсто, а бројот на странските туристи е зголемен за 23,5 проценти.

Бројот на ноќевања на домашните туристи во февруари 2015 година, во однос на февруари 2014 година, е намален за 13,1 отсто, а бројот на ноќевања на странските туристи е зголемен за 16 проценти.

Во периодот јануари – февруари 2015 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 7,6 процентии тоа: кај домашните туристи има намалување за 5,6 отсто, а кај странските има зголемување за 18,2 отсто.

Во периодот јануари – февруари 2015 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 1,7 отсто и тоа: кај домашните туристи има намалување за 12,1 отсто, а кај странските има зголемување за 15 проценти.