fbpx

Летовите и автобусите кон странство профункционираа, но само до дел од дестинациите

-

Со летовите на „Туркиш ерлајнс“, „Пегасус“, „Германија“, „Еделвајс“ и „Виз ер“, од 1 јули повторно ќе профункционира Меѓународниот аеродром Скопје, додека „Германија“ и „Виз ер“ од овој датум ќе почнат да летаат и од Охрид. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, министерот за здравство Венко Филипче и директорот на ТАВ Македонија Алпер Ерсој денеска извршија обиколка на скопскиот аеродром и се запознаа со новите протоколи за одвивање на воздухопловниот превоз, со кои треба да се избегне ширењето на корона вирусот.

Првиот лет од Меѓународниот аеродром Скопје ќе го реализира компанијата „Виз ер“ во 6:00 часот наутро на 1 јули, од Скопје за Бремен, а во текот на денот ќе се реализираат вкупно девет лета од оваа авиокомпанија. Со редовни летови се враќа и полската авиокомпанија „ЛОТ“ од Скопје за Варшава, но засега не се закажани летови на други превозници од скопскиот аеродром, покажува редот на летање објавен за наредните денови на веб-страницата на Меѓународниот аеродром Скопје.

Од Охрид на 1 јули ќе се реализираат редовните летови за Цирих и Милано, додека во текот на наредните денови ќе почне да сообраќа и полската компанија „ЛОТ“ на дестинацијата Варшава-Охрид-Варшава, се наведува во објавениот ред на летање.

Во меѓувреме, „Ер Србија“ своите летови меѓу Скопје и Белград ќе почне да ги одржува од 14 јули, додека од Скопје за Загреб ќе стартуваат летовите на „Кроација ерлајнс“ еден ден претходно. „Остриан ерлајнс“ нуди летови меѓу Скопје и Виена за периодот по 14 јули. Сепак, некои летови по примерот на Атина, Дубаи и Доха, претстојното лето нема да се реализираат, а авиокомпаниите ветуваат нивно повторно воспоставување во текот на есента.

Заедно со авиосообраќајот, профункционира и меѓународниот автобуски превоз, но засега единствено кон Србија и Германија. „Ниш експрес“ од 27 јуни започна да сообраќа со две поаѓања дневно меѓу Скопје и Белград, додека „Фудекс“ и „Галеб“ од Охрид од изминатиов викенд почнаа исто така да ги одржуваат нивните линии меѓу двата града. Од „Македонија Сообраќај“ има известување дека од 27 јуни профункционирала линијата од Скопје кон Дортмунд, додека од 1 јули и „Галеб“ од Охрид ќе ја одржува нивната редовна автобуска линија за Германија.

Како и кај авиосообраќајот, засега нема информации кога ќе се воспостават некои од редовните автобуски линии кои беа популарни меѓу патниците во изминатиов период, како што се линиите од Скопје за Софија, Загреб, Љубљана и Истанбул. Превозниците постепено ги враќаат во функција редовните автобуски линии, земајќи ги во предвид ограничувањата за патување на нашите државјани кон одредени земји, малиот интерес за патување и мерките за ограничување на превозот до 50 отсто од вкупниот капацитет на автобусите.

Во железничкиот сообраќај, во моментов не постои датум од кога ќе почнат да сообраќаат меѓународните возови од Скопје за Приштина, Белград и Солун.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Атлантик: Со среќа во борбата против дезинформации

Угледниот американски магазин Атлантик објави опширен напис, во авторство на Квинта Џуресик, со наслов „Со среќа во борбата против дезинформациите“. Сторијата се однесува на Ник Сојер, доктор во Калифорнија....