Летот на хеликоптерот „Инџенуити“ на Марс најрано в среда

Хеликоптерот „Инџенуити“ на површината на Марс. Credit: NASA/JPL-Caltech/ASU

Според податоците што стигнале од хеликоптерот „Инџенуити“ од Марс, вселенската агенција на САД, НАСА, соопшти дека првиот експериментален лет на овој дрон што го придружува роверот „Истрајност“ (Perseverence) на оваа планета не би можел да се очекува пред 14 април, среда.

При тестот со многу брзо вртење на перките, којшто бил извршен во петокот, командниот алгоритам што го вршел тестот направил ран прекин. Тоа се случило во моментот кога програмата требало да се префрли од режим „Подготовка пред лет“ во режим „Лет“.

Сеедно, хеликоптерот „Инџенуити“ е безбеден и нормално испраќа податоци и сигнали до Земјата. Во меѓувреме, експертите на НАСА ги анализираат телеметриските параметри во обид да разберат зошто се случило автоматското исклучување. Откако ќе заврши таа фаза, ќе биде закажан првиот пробен лет, појаснуваат од НАСА.