Летно кино во Кинотека ќе се одржи од 10 до 13 јули

Од 10 до 13 јули, во дворот на Кинотека започнува летна кино програма, а првиот викенд ќе го одбележи Eвропскиот филмски предизвик (European Film Challenge), со селекција на четири современи европски филмови.

Летното кино ќе се отвори на 10 јули во 21 часот, со проекција на македонскиот филм – добитник на престижната LUX Prize за најдобар европски филм за 2019, „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, во режија на Теона Стругар Митевска. Цената на билетот е 100 денари.

Од Кинотеката информираат дека според актуелниот Протокол за организирање јавни настани, бројот на присутни во гледалиштето ќе биде строго ограничен. При влез во дворот и објектот, потребна е задолжителна дезинфекција на рацете, задолжително носење на маска или заштита преку устата и носот и задолжително одржување на дистанца додека се следи проекцијата.

Од таму информираат дека пушењето за време на проекција е непожелно и забрането е внесување на алкохолни и безалкохолни пијалаци.

„Ве замолуваме заеднички да се погрижиме за чистотата на гледалиштето и дворот на Кинотеката, како и секој самостојно да ги одложи своите отпадоци во корпите по проекцијата“, апелираат од Кинотека.

Европскиот филмски предизвик е иновативна дигитална платформа, што ја поврзува најголемата заедница на љубители на европскиот филм и ја промовира европската кинематографија.