Летечки автомобил го имаше првиот меѓуградски лет во Словачка (ВИДЕО)

Летечкиот автомобил AirCar
фото: видео на Јутјуб / KleinVision

Прототип на летечки автомобил успешно го заврши тест-летот помеѓу два словачки града, при што помина 35 минути во воздух, пишува „Си-ен-ен“.

Летечкиот автомобил „AirCar“ на словачката компанија „Клејн Вижн“ (Klein Vision) летал од градот Нитра до главниот град на Словачка, Братислава, каде по слетувањето, за помалку од три минути се трансформирал во обичен автомобил и продолжил да вози низ улиците во центарот на градот.

Прототипот на „AirCar“ има мотор од БМВ со моќност од 160 коњски сили и на себе има фиксиран пропелер. Досега поминал повеќе од 40 часови во тест-летања, вклучитално и летање на 2,5 километри висина, а најголемата брзина која била достигната во воздухот изнесувала 190 километри на час.

Ко-основачот на „Клејн Вижн“, Антон Зеџек, изјавил дека „AirCar не е повеќе само концепт“ и дека летечкиот автомобил „ја претвори научната фантастика во реалност“.

Компанијата веќе работи на нова верзија прототип од летечкиот автомобил, кој би можел да достигне брзина и до 300 километри на час и да лета на дестинации и до 1.000 километри. Во план е да бидат изработени модели со три и четири седишта.

Бројот на компании кои го истражуваат потенцијалот на летечките возила расте сѐ повеќе и покрај предупредувањата за сигурноста на овие автомобили и ризикот по безбедноста на луѓето.