Фото: Архива на Мета

По вчерашната седница на Советот за јавни обвинители на која се вршеше избор на јавни обвинители, меѓу имињата кои не беа избрани се најде и Ленче Ристовска, за чиј избор на функцијата виш јавен обвинител „против“ гласаа 7 од 11 члена на Советот за јавни обвинители. Обвинителката која работеше на случаите како „Таргет-Тврдина“, „Талир 1“ и „Талир 2“ во изјава за „360 степени вели дека е разочарана од одлуката на Советот на јавни обвинители и не знае зошто не заслужила унапредување.

Претседателот на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски по одржувањето на вчерашната седница изјави дека во изборот на обвинители во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и во Вишото јавно обвинителство, никој од членовите на Советот не кажал дека му е вршено некакво политичко влијание и дека нема информации за вршење на надворешен притисок.

Членови на Советот на јавни обвинители, пак, денеска во изјава за порталот СДК.мк велат дека Ленче Ристоска е добар обвинител, но млада за во Вишото јавно обвинителство и возраста е таа која вчера не само неа, туку и на другите млади обвинители со добри достигнувања им се испречила на патот за унапредување.

На вчерашната седница на Советот за јавни обвинители беа избрани пет јавни обвинители (Лиле Стефанова, Трајче Пеливанов, Артан Ајро, Катерина Коларич и Наташа Поп Трајкова) во Обвинителството за организиран криминал и корупција. За обвинители во Вишото јавно обвинителство пак беа избрани Фатиме Фетаи, Бурим Рустеми, Сашо Рајчев, Наум Пановски и Снежана Бундалевска – Георгиевска.

Инаку, Ленче Ристовска ќе остане јавна обвинителка во Скопското јавно обвинителство, каде што ќе треба да ги доврши случаите „Талир“ и „Талир 1“ за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ со перење на пари. Токму Ристовска, заедно со Артан Ајро и Трајче Пеливанов, како тројца обвинители ја водеа истрагата за случајот „Тврдина-Таргет“ за незаконското прислушкување во земјава, за која главниот обвинет Сашо Мијалков доби првостепена казна затвор од 12 години.