Jaвната обвинителка Ленче Ристоска си поднесе оставка од позицијата, бидејќи, како што рече, повеќе не постојат услови за независно и принципиелно извршување на обвинителската должност. Таа во соопштение до јавноста потсети дека оваа недела Советот на јавни обвинители ја отфрлил нејзината претставка за напад врз нејзиниот интегритет и самостојност, а државниот јавен обвинител донесе одлука за повлекување на овластувањата за застапување во клучни предмети во завршна фаза, мислејќи на предметите против владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„Сметам дека овие одлуки сериозно ја ослабуваат позицијата на јавното обвинителство и носат конкретни ризици за исходот на предмети кои таргетираат висока корупција и криминал. Овие постапки се во директна спротивност со визијата за која се залагам, а тоа е обвинителство кое работи надвор од политички влијанија, ги штити своите професионалци и го брани јавниот интерес доследно и без селекција. Бидејќи не гледам простор за работа, ниту во перспектива како би можела да делувам во согласност со моите принципи, денес поднесов оставка од функцијата јавен обвинител. Искрена благодарност на сите кои ја препознаа и поддржаа мојата посветеност и борба“, напиша Ристоска во соопштението.

Како што додава, таа ја поима јавнообвинителската функција како повик и можност за придонес кон подобрување на системот, општеството и пред сè животот на граѓаните.

„Затоа во текот на мојата кариера особен предизвик ми претставуваше работата на случаи кои најдиректно влијаат врз дерогирањето на општествените вредности и принципи. Работењето на високопрофилни случаи создава и високопрофилни непријатели —
такви кои ги користат своите моќ, влијание и конекции за да избегнат одговорност и да ве оттргнат од вашата намера. Тоа подразбираше опструкции на различни нивоа, институционални и лични. Низ годините бевте сведоци на многу од тие случувања: влијание врз сведоци, вршење притисоци, менување на законски решенија, чување предмети во фиока и застарување на предмети. Сето тоа не ме спречи да опстојам во моите заложби, па јавно ги критикував состојбите во правосудството без оглед на општествено-политичкиот контекст и без калкулации за последиците по мојата кариера“, се наведува во соопштението.

Таа кажа дека сите тие напори сакала да ги заокружи од раководна позиција преку нејзината кандидатура за државен јавен обвинител, со јасна визија, акумулирано знаење и изградена отпорност спрема влијанија и притисоци.

„Верував дека е дојдено времето за институција чија водилка ќе биде јавниот интерес, борбата против корупцијата и криминалот и заштитата на правата на граѓаните“, вели Ристоска.

На 31 март, на брифинг со новинарите државниот обвинител Ненад Савески, како што пренесе „СДК.мк“, кажал дека ќе им ги одземе сите овластувања на обвинителите кои водат предмети што не се од нивните матични обвинителства. Па така, предметите „Талир 1“ за перење пари во ВМРО-ДПМНЕ и „Талир 2“ за незаконско финансирање на луксузната Бела палата на ВМРО-ДПМНЕ, ќе ѝ бидат одземени на Ленче Ристоска и дадени на други обвинители.

„Правилото ќе важи за сите обвинители со дадени овластувања. Не може шеф на вишо обвинителство да застапува обвинение во друго. Па или шефувај, или оди на судења застапувај. Морам да знам кој што работи и еднаш засекогаш да се стави ред во Обвинителството“, рекол Савески на брифингот.