fbpx

Лекторатот на македонски јазик во Риека одбележува 15 години постоење

Мојсова-Чепишевска напоменува дека овој лекторат е изграден врз темелите поставени во 1980 година, кога започнало изучувањето на македонистиката на Универзитетот во Риека, најпрво на Педагошкиот факултет

-

На 10 и 11 мај со низа свечени активности ќе се одбележат 15 години од отворањето на Лекторатот по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Риека, Хрватска. Од 2008 година до крајот на академската 2021/2022 година, низ Лекторатот поминале над 2.000 студенти, така што во текот на првите децении на XXI век, ова е лекторатот со најголем број студенти кои посветено ги изучуваат македонскиот јазик, литература и култура, надвор од нашата држава, информираат од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

„Ако се има предвид што сè е постигнато од Лекторатот по македонски јазик во Риека во текот на неговиот досегашен развој, бројноста и квалитетот на македонистичкиот кадар произлезен од студиите и оствареното со активностите за афирмација на македонистиката надвор од наставата, заклучокот е неспорен: постигнато е многу повеќе отколку што може и да се замисли и да се очекува за период од деценија и половина“, истакнува директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Таа додава дека за овие 15 години се остварени резултати за кои на некои универзитетски центри се потребни и неколку децении.

Мојсова-Чепишевска напоменува дека овој лекторат е изграден врз темелите поставени во 1980 година, кога започнало изучувањето на македонистиката на Универзитетот во Риека, најпрво на Педагошкиот факултет.

„Оттука, одбележуваме над четириеет години развој на македонистиката во Риека, од кои петнаеет години со лекторат кој е еден од најдобрите примери за афирмација на македонистиката на странски универзитетски центар“, нагласува директорката на МСМЈЛК при УКИМ.

Иницијативата за отворање на Лекторатот во Риека ја покренал академикот Горан Калоѓера, со заложби и на тогашниот ректор на Универзитетот во Риека, проф. д-р Перо Лучин и на проф. д-р Данијел Рукавина, а се остварил со заложби и на УКИМ и МСМЈЛК при УКИМ, на македонската држава и на нејзината дипломатија. Прв лектор по македонски јазик во Риека бил проф. д-р Васил Тоциновски, а по неговите стапки продолжиле м-р Ана Азеска и актуелната лекторка – м-р Биљана Стојановска.

Петнаесетте години од отворањето на Лекторатот по македонски јазик во Риека ќе се чествуваат со низа свечености и активности на тамошниот Филозофски факултет, неделава – на 10 и 11 мај. Овој јубилеј се надоврзува и на уште два други јубилеја – 25 години од Филозофскиот факултет и 50 години од основањето на Универзитетот во Риека.

Инаку, Хрватска е една од земјите во кои на високообразовните институции, македонистиката постојано се развива. Покрај на Универзитетот во Риека, македонистиката повеќе од пет децении, непрекинато се развива и на Универзитетот во Загреб, каде во последниов период, со неа раководи проф. д-р Ивица Баковиќ и која се развиваше и се развива под палката на проф. д-р Борислав Павловски и проф. д-р Борјана Прошев-Оливер, како и на Универзитетот во Осиек, каде особен влог има остварено акад. Златко Крамариќ. Настава по македонистика е остварувана и на Универзитетот во Задар, каде влог оствари проф. д-р Августина Гулеска-Хајдиќ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...