fbpx

Лекот „Трикафта“ стаса на Детската клиника, лекувањето на критичните пациенти започнува деновиве

Од осуммината критични пациенти, седуммина се возрасни, а едно е дете. Терапијата е таблетарна и се дава еднаш месечно

-

Утрово на Клиниката за детски болести пристигна лекот „Трикафта“, па деновиве ќе започне лекувањето на најкритичните осуммина пациенти кои боледуваат од цистична фиброза. Ова го најави денеска министерот за здравство Фатмир Меџити на прес-конференција. Тој кажа дека во соработка со сите надлежни институти, се решава најголемото прашање за оваа категорија пациенти.

„Очекуваме дека со оваа терапија значително ќе се подобри квалитетот на животот на пациентите со цистична фиброза. Пациентите се во фокусот на нашата работа и продолжуваме со нашите заложби“, рече Меџити.

Директорката на Клиниката за детски болести, д-р Стојка Фуштиќ кажа дека веќе се примаат пациентите кои треба да ја примат терапијата.

„На Клиниката ќе бидат примени шест пациенти, а другите двајца ќе ја примат терапијата на Универзитетската клиника за пулмологија. Очекуваме да започнеме од утре или наредните денови. Очекуваме позитивен ефект од терапијата во однос на подобрување на нивната белодробна функција“, рече таа.

Од осуммината критични пациенти, седуммина се возрасни, а едно е дете. Терапијата е таблетарна и се дава еднаш месечно.

Пред нова година, болните од цистична фиброза на протест пред Министерството за здравство побараа модуларна терапија. Дури на 2 февруари годинава, Владата најави дека ќе го набави лекот „Трикафта“ за 30 пациенти, односно дека набавката ќе се одвива во неколку фази. Првите количини на лекот, стасаа дури денеска, 9 март. Додека чекаше лек, на 8 февруари почина Благојче Илиевски, кој не го дочека лекот. Кога тоа се случи, поранешниот министер за здравство Беким Сали, на својот Фејсбук профил напиша дека се обезбедени 140 милиони денари за набавка на лекот. Родители на деца со цистична фиброза и нивни роднини, по смртта на Благојче му оддадоа почит и протестираа пред Владата. Побараа итно да се набави лекот.

Во земјава со оваа болест живеат околу 130 лица. Како што прогресира болеста низ годините, така расте и смртноста. Лек има од новата генерација на т.н. модуларна терапија, која е скапа. Кај нас се дава постара терапија која ги ублажува симптомите, но не ја лекува болеста.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Грчкиот дипломат Рокас доаѓа на местото на Дејвид Гир како амбасадор на ЕУ за С. Македонија

Жосеп Борел, високиот претставник на Европската Унија, номинираше 44 нови шефови на делегации на ЕУ, вклучително и нови амбасадори на ЕУ во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна...