Лекарска комора на РСМ. Илустрација: ЛК на РСМ

Во последно време стана зачестена појавата на лажни и манипулативни реклами за т.н. медицински производи, препарати и методи кои се пласираат на интернет, реагираат од Лекарската комора на Република Северна Македонија.

Оттаму велат дека ги осудуваат сите обиди за злоупотреба на професионалниот интегритет и авторитет на лекарите преку различни реклами за лекови, помошни средства за лекување, додатоци во исхраната и постапки за лекување во кои се злоупотребува нивниот идентитет и професионален интегритет.

„Во вакви огласи и текстови често се појавуваат измислени изјави или интервјуа на вистински лекари и се објавуваат нивни фотографии што е целосно незаконски. Лекарите не даваат дозвола за користење на нивното име и професионален интегритет за рекламирање на овие препарати поради што ова може да се смета за кражба на идентитет, лажно рекламирање и злоупотреба на лични податоци за остварување на материјална корист“, велат во реакцијата од комората.

Лекарската комора бара надлежните институции да постапат навремено и ажурно по поднесените кривични пријави и да ги санкционираат случаите, со што би се заштитиле докторите и би се спречило повторување на случувањата. Комората апелираше и до лекарите да продолжат да ги пријавуваат ваквите ситуации во кои некој се претставува во нивно име или го користи нивниот професионален интегритет без нивна согласност и одобрение.

„Дополнително ги предупредуваме граѓаните дека ваквите производи може да содржат материи кои сериозно би наштетиле на нивното здравје. Дури и во случај кога препаратите не содржат штетни материи, со самото тоа што им се препишуваат лековити својства кои реално не ги поседуваат, граѓаните намерно се доведени во заблуда и со тоа се загрозува нивното здравје. Поради тоа, би ги посоветувале пациентите, кога одлучуваат да ја променат терапијата, да почнат нова или во постоечката да вклучат нов препарат, задолжително да се консултираат со својот матичен лекар или специјалист, бидејќи само тие можат да им помогнат да донесат правилна одлука за нивното здравје и во никој случај не смеат да се поведуваат по реклами на интернет и по туѓи искуства“, советува Лекарската комора.