Фото: IlyaIsaev [CC BY-SA 3.0 (https://creativecommons.org/licenses/by-sa/3.0)] / CC BY-SA

Алексеј Навални, секако најпознатиот критичар на рускиот претседател Владимир Путин, кој вчера колабираше на лет од сибирскиот град Томск до Москва, по што неговиот тим обвини дека бил отруен, сè уште е во кома. Лекарите што се грижат за него во болница во градот Омск, каде што авионот слета, за на Навални (44) да му биде пружена итна помош, велат дека не пронашле траги на отров во неговиот организам, но одбиваат да дозволат денеска да биде префрлен во Берлин, велејќи дека неговата здравствена состојба не го дозволува тоа.

-Неговата состојба не е доволно стабилна за тоа. Сѐ уште не можам да дадам прогнози – изјави главниот лекар Александер Мураховски денеска пред новинарите.

Заменик-главниот лекар Анатолиј Калиниченко, пак вели дека во телото на Навални не се пронајдени траги на отров.

– Труење како дијагноза останува како некоја можност, но не сметаме дека пациентот има труење – порача Калиниченко.

Тој сепак одби пред новинарите да ја каже дијагнозата, правдајќи се со обврската за заштита на лекарската тајна, и рече дека таа е соопштена на неговото семејство.

Според наводи на тимот на Навални, во телото на критичарот на Кремљ е пронајдено најверојатно „смртоносно средство“. Иван Жданов, од групата на главните соработници на Алексеј Навални изјави дека полицијата ги известила лекарите оти кај Навални пронашла опасна супстанција. Отровот, како што додаде тој, бил опасен не само за Навални, туку и за околината, поради што е укажано дека треба да се носи заштитна облека.

Засега е нејасно за каква супстанција би можело да станува збор.