Одлуката за носење маска на нива и во парк беше непотребна. Од овој аспект, и целосните карантини беа непотребни. Матичните лекари требаше да се насочат како да лекуваат бидејќи луѓето испија тон антибиотици. Пропусти имаше, но во целина, може да се каже дека државата добро реагираше и се справува со ковид-кризата, а на лекарите и на медицинскиот персонал, треба да им честитаме.
- Вака ја оценува изминатава ковид-година проф. д-р Никола Пановски од Медицинскиот факултет, микробиологот кој уште од почетокот на пандемијата ги следи сите сознанија и мерки поврзани со вирусот.
„Државата добро реагираше на почетокот иако имавме престроги мерки бидејќи не се знаеше со што се соочуваме. Од денешен аспект, карантините не беа потребни до тој степен, беа престроги во однос на сегашните мерки. Може да оцениме дека државата навреме реагираше до мај/јуни, кога влезе политиката во здравството. Пред избори наеднаш се олабавија мерките, па мислам дека ако тоа не се случеше, летото можеше подобро да се помине. Мислам дека од грешките што беа направени е тоа што, требаше приватните лаборатории да работат со фондот, да не прават профит. И втора важна работа – матичните лекари, кога се зголеми бројот на заразени пациенти, тие беа оставени сами на себе, не добија доволно заштина опрема од државата. Не им се дадоа насоки на матичните, па прекумерно препишуваа лекови, а многумина лечеа по телефон. Не им се кажа како да лечат, се даваа многу антибиотици и други лекови, со што се потрошија многу пари“, забележува проф. Пановски.
Според него, претерано било и носењето маски, како што вели, и на планина и нива, а од друга страна, апсурдна била забраната да не се носи маска во кафеана.
„За да живее економијата, се носеа мерки кои не беа логични. Иако, ако ја гледаме целата ситуација во целина, треба да им честитаме на сите доктори и медицински персонал на нивната пожртвуваност. Многу е важно што беа стимулирани со тоа што им ги зголемија платите“, смета Пановски.
Во однос на перспективите во 2021 година, тој смета дека ако дојдат 400.000 вакцини и ако се заврши со вакцинирање до април, тогаш епидемијата ќе стивне и ќе биде животот полесен.
„До некаде имаме и колективен имунитет. Тие што го пројдоа вирусот, се оние кои помалку почитувале мерки или пак, работеле на места каде што не можеле да се заштитат. Тие луѓе кои и натаму се однесуваат помалку одговорно, се причината поради која бројот на новозаразени опаѓа. А за нас останатите што се криеме и внимаваме повеќе, вакцината е многу важна, па ако се вакцинираме, мислам дека околу јуни би се олабавила ситуацијата“, додава професорот.
Лажните вести се сериозен проблем
Лажните вести се голем проблем, колку што е голем проблем пандемијата, смета Пановски.
„Јас не одбивам интервјуа и постојано давам изјави, само заради тие лажни вести. Ако сите молчат како што молчат многумина мои колеги, тогаш луѓето ќе веруваат во нешто друго што често нема врска со науката. Добро е што вакцината ќе биде доброволна, бесплатна и ќе имаат приоритет ранливите групи граѓани. И јас лично би се вакцинирал што поскоро, за да можам да ги гушнам внуките и внукот“, вели Пановски.
Филипче: Oва беше голема лекција за сите нас
-
Освен со Д-р Пановски, за годината што измина и за она што нè очекува во иднина, „Мета.мк“ поразговара и со министерот за здравство Венко Филипче.
Како и во сите други држави, и кај нас се случи криза која никој не ја очекуваше ниту беше спремен за неа, но и покрај тоа, сметам дека прилично добро и брзо се престроивме и се организиравме, направивме систем на ротација на лекари и сестри, оформивме нови одделенија, вели за „Мета.мк“ министерот Филипче.
„Сето тоа ни овозможи да успееме да избегнеме сценарио од типот, пациент да нема каде да биде примен и немавме ситуации да има недостаток на болнички кревети. Мислам дека здравствените работници навистина одлично одговорија на предизвикот. Немаше недостиг на заштитна опрема, ниту на лекови, сè функционираше беспрекорно. Не запреа ниту останатите работи – решен е сообраќајниот хаос во клиничкиот центар, се случи прва трансплантација на срце во државата, реконструирани се многу јавно-здравствени установи. После повеќе декади обновена е зградата на интерната клиника. Опремени се многу јавно-здравствени установи. И покрај вонредната состојба, не запре и нормалното функционирање на здравството, иако во еден временски успорено. Важно е дека секој пациент добиваше здравствена услуга таму каде што требаше и тогаш кога требаше“, рече Филипче.
И годинава ковид-19 ќе биде предизвик
Државата за кусо време ќе ги добие првите дози на анти ковид вакцини. Очекувањата се дека бројот на новодијагностицирани пациенти ќе се намалува.
„Од ова научивме многу, од ова научивме дека здравството е столбот на државата и дека мораме да го зајакнуваме и континуирано да го унапредуваме. Се докажа дека вистинска била инвестицијата во здрваствените работници. Платите на специјалистите се двојно зголемени, тоа беше значајна стимулација за да се изменаџира подобро здравствената криза“, додава министерот.
Годинава се планира рационализацијата на јавно-здравствените установи, односно да се спојат онаму каде што треба, како и прием на сите млади лекари специјализанти и сите лиценцирани преку платениот стаж. Со тоа, како што потенцира Филипче, сите доктори ќе бидат дел од здравствениот систем.
„И најбитната реформа која ја планираме е измената во Законот за здравствена заштита, со која на секој доктор ќе му биде дозволено да направи договор со која било јавна здравствена установа или по потреба приватна, за да својата услуга ја даде каде било во државата. Така лекарите нема да бидат стриктно ограничени таму каде што работат, туку експертизата и услугата ќе бидат достапни низ целата држава. Наместо да патуваат пациентите, ќе патуваат докторите“, рече Филипче.