fbpx

Лекарите апелираат: Ако не нè заштитат од насилство, ќе прекинеме да даваме здравствени услуги

-

Со транспаренти на кои пишува „Доста е!“ стотици доктори, сестри и други вработени лица во јавни здравствени установи, во време на паузата од половина час, денеска го искажаа својот револт од насилството што го трпат од пациентите, a кое е зачестено во последните месеци. Медицински персонал имаше пред речиси сите здравствени установи, вклучително и пред влезот на „8 Септември“, на скопските клиники, болницата „Мајка Тереза“ во Чаир, пред поликлиниката во Ѓорче Петров, а мирен протест на вработените во здравството имаше и во болници и амбуланти и во други градови во државата, во Велес, Валандово, Тетово.

Д-р Божидар Кочоски од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари (АСМЛ), која е организатор на мирниот протест, за „Мета.мк“ вели дека целта е, на овој начин да се искаже револтот на целокупниот медицински персонал, кој е под закана како резултат, како што рече, на системското неаздоволство кое се рефлектира врз нив.

– Протестот беше организиран за време на паузата бидејќи не беше намерата да се стопира давањето здравствени услуги. Истиот се одвиваше на повеќе места истовремено. Медицинскот персонал излезе и кажа дека се наоѓа под закана како резултат на систмско незадоволство кое се рефлектира врз нив, од лошите здравствени политики кои го натерале пациентот да се чувствува онака како што се чувствува. Кажавме дека се наоѓаме под зголемен вербален и физички притисок. Ова не го правиме за да се амнестираат оние здравствени работници кои излегуваат надвор од рамките на културното однесување, но ова е протест кој кажува дека во ситуација кога се грижиме за нечие туѓо здравје и кога носиме одлуки кои во временски интервал е круцијален за нечиј живот, нам ни е потребна заштита за да можеме да носиме најдобри решенија за пациентот – вели Кочоски.

Тој потенцира дека Асоцијацијата ќе достави мерки за заштита на здравствените работници.

– Бараме брзо решение кое ќе биде дел од Законот за докторска дејност, но и механизми со кои ќе детектираме негативни појави и истите ќе ги отстрануваме. Потребни се и сериозни едукативни содржини во основното, средното образование како и на факултетите, а неопходни се и курсеви за комуникациски вештини за медицинскиот персонал. Ни треба и полициско обрзбедување кое ќе нè штити. Ова е жолт картон кој здравствените работници денеска го дадоа. Ако не биде преземено ништо, следно, вработените ќе прекинат со работа и ќе има комплетен престанок на давањето здравствени услуги. Нам ни е потребен систем кој ќе функционира, систем кој ќе му пружа сè на пациентот, но кој ќе очекува од него една должна почит и однос кон вработените во здравството – нагласува Кочоски.

Протестот беше поддржан и од Самостоен синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи. Претседателот Горан Беговиќ, вели дека во пракса често се случува пациенти да напаѓаат вработени во здравство, а на удар најмногу се вработените на шалтерите.

Според него, шалтерските работници се најизложени на напади бидејќи пациентот кога доаѓа, првиот контакт го остварува со нив.

„Ние како синдикат кажавме што треба да се направи уште во 2016 година, кога имаше вооружен напад. Тогаш се воведе членот според кој напад на здравствен работник е како напад на полицаец, што повлекува и кривична одговорност. Тоа е супер, но не е доволно. Мора да се работи на превентива. Потребни се сет мерки кои би овозможиле насилството да се намали. Мора да се едуцираат пациентите да се работи на односот кон здравствениот персонал, треба да знаат за работата на докторите и администрацијата, и треба да знаат дека медицината не е семоќна. Целиот здравствен персонал мора да работи по етички кодекс. На докторот не му е крив пациентот за некои негови лични проблеми. Мора да ја применуваат доследно хипократовата заклетва. Пациентите мора да имаат доверба во персоналот, а докторите да разберат дека се таму заради пациентите. Она што недостасува е и 24 часовно професионално обезбедување, кое ќе знае како да се справи. И тоа обезбедување треба да го има во секоја здравствена установа во државата. Видео надзор е исто така неопходен. Безбедноста мора да ја има, не може да се реагира само кога ќе се случи инцидент. Ако еден насилник види професионалци кои штитат една група луѓе, сигурно повеќе ќе се замисли. Ние ниту сме спремни ниту сме физички способни да се справиме со насилник – вели Беговиќ.

На протестот во скопските клиники, беше и министерот за здравство Венко Филипче. Тој рече дека неговото присуство е во знак на поддршка, затоа што, како што рече, со насилство врз докторите не се постигнува ништо.

– Почитувани пациенти. Ние сме со вас. Секојдневно се грижиме за вашето здравје, но и здравјето на вашите најблиски. Преземавме конкретни мерки со мобилна полициска патрола на најкритичните јавно-здравствени установи за да не се случуваат вакви инциденти. Мора да ја вратиме довербата меѓу пациентите и здравствените работници. Преземаме мерки за да го вратиме и достоинството на здравствените работници. Преку вработувања, зголемени плати, дежурства, едукации, тие да бидат да бидат мотивирани и задоволни во својата работа. Вршиме хумана дејност, довербата меѓу пациентите и здравствените работници е најважна – истакна Филипче.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Доналд Туск: Во ризик сме од војна, Европа не е подготвена

Полскиот премиер Доналд Туск изјави оти смета дека постои огромен ризик од војна и оти никој во Европа нема да се чувствува безбедно доколку Русија победи во Украина, пренесува...