Кандидатката за претседател на Франција, Марин ле Пен, ги повика гласачите кои во првиот круг гласаа за кандидатот на левицата, Жан-Лик Меланшон, да ја поддржат во вториот круг на изборите.
Ле Пен објави видео на „Твитер“ во кое ги повика приврзаниците на Меланшон да го бојкотираат нејзиниот противкандидат, Емануел Макрон, поранешен банкар и министер, за кој рече дека е претставник на сегашната состојба и на „арогантниот финансиски сектор“.
Ле Пен и Меланшон заедно освоија околу 40 отсто од гласовите во првиот круг на изборите откако двајцата водеа популистичка кампања.
Марин ле Пен освои 21,3 отсто од гласовите, а Меланшон 19,6 отсто.
Меланшон сè уште не им порача на своите приврзаници како да се определат во вториот круг на претседателските избори, кој ќе се одржи на 7 мај.