„ВМРО-ДПМНЕ не смее и понатаму да биде кочничар на реформите во здравството на штета на здравјето на македонските граѓани“, се вели во соопштението на Либерално-демократската партија (ЛДП).

Оттаму додаваат дека секојдневните недостатоци на лекови, медицински помагала во болниците и реагенси во лабораториите се рефлектираат на најсуштествените потреби на пациентите.

„Иако во некои случаи причината е немање средства, во други – неточни предвидувања на потребите, сепак најчестата причина е доцнењето на тендерите за јавни набавки, поради долготрајните и нестручни подготовки на набавките. Аргумент плус за тоа е што тие редовно се враќаат на доработка во таканаречната „стручна комисија“ во Бирото за јавни набавки и тоа заради несуштествени и небулозни грешки“, се додава во соопштението.

Од партијата велат дека „сведоци сме на анекси на договори во многу сфери и за многу состојби во општеството, каде не се работи за итност и не се работи за човечки живот, но овде иако се работи за жива материја, тоа не се дозволува.“

„Молчат и директорите на болниците, како најверни послушници на партијата. Резултат на целокупната состојба – руинираното македонско здравство е на самото дно. На штета на пациентите се употребуваат лекови кои се на располагање, а не најдобрите и најсоодветните за дадената болест, операциите често се одложуваат, а лабораториите не издаваат целосни резултати“, велат од ЛДП.