Шести ден патничките и товарните возови во Македонија не сообраќаат поради протестот на вработените во „Македонски железници“, кои бараат исплата на јануарската плата, а штети трпат и патниците и компаниите, се вели во соопштението на Либерално-демократската партија (ЛДП).

Во него се додава дека ова е уште еден доказ дека власта во заминување си поигрува со егзистенцијата на вработените во МЖ и воопшто со достоинството на човечкиот капитал во Македонија.

– Последното случување во „Македонски железници“ е еклатантен пример за тоа како новите локомотиви, за кои беа платени 25 милиони евра – пари на граѓаните, беа набавени исклучиво за сликање и за промоција на врхушката на ВМРО-ДПМНЕ пред медиумите, без притоа за истите да има инфраструктура која ќе може да ги валоризира нивните перформанси – се додава во соопштението.

Од ЛДП го повикуваат менаџментот на МЖ да се однесува транспарентно и професионално, да не подлегнува на политички притисоци и да најде начин час поскоро да го реши проблемот.