Либерално-демократската партија стравува и воедно предупредува дека блокирањето на евроинтеграциските процеси се најголемата закана за унитарноста на Република Македонија, се вели во соопштението на партијата по вчерашните разговори на еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, со лидерите на парламентарните политички партии во земјава.

„Желбата на 75 отсто од граѓаните, Македонија да биде членка на Европската Унија и на НАТО, е единствен гарант за унитарноста, стабилноста и за економскиот просперитет на сите граѓани. Единствените кои се загрозени од враќањето на владеењето на правото се членовите од врхушката на власт, за кои има основани индиции за сторен криминал, корупција, изборни измами“, стои во соопштението на партијата.

Оттаму го повикуваат претседателот на државата, Ѓорге Иванов, да се одважи и да ги почитува демократските принципи на парламентарната демократија, а Никола Груевски да престане да „создава нови проблеми и да ги лаже и да ги манипулира членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ“.

Од партијата нагласуваат дека пораките што вчера ги испратија еврокомесарот Хан и тројцата европратеници се јасни и недвосмислени – да не си играме со оган бидејќи лесно може да се изгориме.

„Апелираме и до ЕУ, доколку се воведуваат одредени санкции кон Македонија, тие да ги опфатат само поединците што ги загрозуваат мирот и стабилноста на регионот, а не ситуацијата да се рефлектира врз сите граѓани на државата“, нагласуваат од ЛДП.