Пост на Фејсбук објавен вчера, во кој се тврдеше дека со четири фотографии ја објаснува трагичната судбина на едно дрво во Скопје, односно дрвото на тревник пред зграда во пролет, есен и зима, а потоа градба на местото на кое било дрвото, за кратко време предизвика многу гневни реакции против „скопската урбана мафија“ и голем број пресподелувања.
Но, станува збор за целосна дезинформација. Имено, како што потоа некои од коментаторите посочија, станува збор за четири фотографии со статус што бил објавен летоска на неколку Твитер-профили на луѓе од Турција.
Hayatını 4 görsel ile anlat pic.twitter.com/fPMD6SXRyY
— Gökçe Güzel ♞ (@gokce_guzel) July 13, 2018
И пребарувањето на Гугл за барем една од фотографиите за да се види каде била објавена претходно, го покажува тоа.
Авторот на постот потоа се правдаше дека завчера бил Денот на планетата Земја и тој „со сликите сакал да разбуди чувства“.
Ова е еден од многуте случаи воопшто во ерата на социјалните мрежи кога луѓето некритички „голтаат“ сè што им се сервира како вистина, без да проверат дали е тоа точно. Ситуацијата е уште поалармантна оти во случајот со постот некритички реакции и пресподелувања правеа луѓе што се многу добро запознати со машинериите и начините на создавање и пропагирање лажни вести, како и трагичните последици од тоа.