Повторно се појави т.н. „дипфејк“ видео споделено на Твитер, на кое се чини дека рускиот претседател Владимир Путин прогласува мир, објави британскиот јавен сервис Би-би-си.
Во меѓувреме, оваа недела платформите на Мета и Јутјуб отстранија исто такво лажно видео од претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во кое тој зборува дека се предава.
Неубедливиот фалсификат на претседателот Зеленски беше исмеан од многу Украинци, пишува Би-би-си.
Во видеото Володимир Зеленски се појавува зад подиумот, кажувајќи им на Украинците да го спуштат оружјето. Неговата глава изгледа преголема и има повеќе пиксели од телото – а неговиот глас звучи подлабоко.
Во видеото објавено на неговиот официјален профил на Инстаграм, вистинскиот претседател Зеленски тоа го нарекува „детска провокација“.
Но, Украинскиот центар за стратешки комуникации предупреди дека руската влада може да користи вакви лажни видеа за да ги убеди Украинците да се предадат.
Во низа на Твитер, шефот за безбедносната политика на фирмата сопственик на Фејсбук и Инстаграм, Мета, Натаниел Глејхер, рече дека „брзо го прегледале и отстраниле“ ова видео поради кршење на нивната политика против манипулации.
1/ Earlier today, our teams identified and removed a deepfake video claiming to show President Zelensky issuing a statement he never did. It appeared on a reportedly compromised website and then started showing across the internet.
— Nathaniel Gleicher (@ngleicher) March 16, 2022
Јутјуб, исто така, соопшти дека е отстрането видеото поради кршење на правилата против ширење дезинформации.
Тоа беше лесна победа за социјалните мрежи, вели Нина Шик, авторка на книгата Deepfakes, бидејќи видеото беше толку грубо и лесно беше забележано како лажно дури и од „полусофистицираните гледачи“.
„Има толку многу други форми на дезинформации во оваа војна кои не се разоткриени. Иако ова видео беше навистина лошо и грубо, тоа нема да биде случај во блиска иднина. И тоа сепак би ја намалило довербата во автентичните медиуми. Луѓето почнуваат да веруваат дека сè може да се лажира“, рече Шик.
„Тоа е ново оружје и моќна форма на визуелна дезинформација – и секој може да го направи тоа“, додаде таа.
Транскриптот од „дипфејкот“ на Зеленски првпат се појави на украинската ТВ мрежа Украина 24 за време на пренос во живо во средата. На нејзината веб-страница подоцна се појави скриншот и целосен препис.
Украина 24 потврди дека и двете веб-локации, недостапни во поголемиот дел од средата, биле хакирани.

Видеото потоа беше широко споделено на Телеграм групите на руски јазик и на платформата ВК која е руски еквивалент на Фејсбук.
Оттаму, го тоа го најде својот пат до платформи како што се Фејсбук, Инстаграм и Твитер.
Веќе некое време има предупредувања дека ваквите дипфејк видеа може да бидат опасни, особено за време на конфликт. Но, создавањето на веродостоен „дипфејк“ е скапо и одзема многу време.
Затоа старите видеа и манипулираните мемиња остануваат најчеста и ефикасна тактика за дезинформација во оваа војна.
Но, забележлив е фактот што сега е направен и споделен длабок фејк за време на војна. Следниот можеби и не е толку лош.