fbpx

Лажни руски „проверувачи на факти“ шират пропаганда за војната во Украина

-

Малку е познато кој стои зад оваа руска веб-страница за „проверка на фактите“ – „War on  fakes“ . Нејзините креатори се идентификуваат само како „администратори на неколку руски неполитички канали на Телеграм“, а ниту еден од нејзините автори не е именуван. Страницата нема импресум, ниту контакт или  адреса. Сервисот за проверка на Факти „Поинтер“ направил преглед на оваа веб-страница и оценува дека нејзините „проверки на факти“ се всушност делови од дезинформации кои користат добро познати техники на руската пропаганда – некохерентност, голем обем на тврдења, повторување и изјави за очигледни невистини – за да ги збунат читателите кои се обидуваат да разберат што се случува во Украина, пишува Вистиномер во текстот кој го пренесуваме во целост.

Од почетокот на нејзината инвазија во Украина пред една година, Русија и нејзините поддржувачи се обидуваат агресивно да ја искриват улогата на Москва во војната со она што експертите го нарекуваат високо -моќно оружје во нејзиниот арсенал – кампањите за дезинформации.

Глобалните проверувачи на факти, меѓу кои и Вистиномер, секојдневно ги  разоткриваат мноштвото лаги кои се обидуваат да го одвлечат вниманието од потенцијалните воени злосторства на Русија или да го оцрнат нејзиниот противник.

Сепак, руските канали за ширење дезинформации не сопираат и тие применуваат разно-разни техники за доведување на јавноста во заблуда. Еден таков пример е веб-страницата и канал на Телеграм управувани од Русија, кој лажно тврди дека се занимава со проверка на фактите поради „информативна војна започната против Русија“. Станува збор за сајтот  (Војна против лажните вести) кој во својот „Манифест“ тврди дека „е важно да обезбедиме непристрасни информации за тоа што се случува во Украина и на териториите на Донбас, бидејќи гледаме знаци на започната информативна војна против Русија“.

Набргу откако Русија ја нападна Украина, оваа веб-страница, на 04.03.2022 година објави текст во кој се тврди дека ја разоткрива идејата дека Украинците водат информативна војна против Русите.

Не само што Украинците ширеле „фалсификати, продукции и дезинформации“ за да ги прикажат руските сили на „непријатен начин“, се вели во текстот, туку тие исто така користеле професионални актери и софтвер за уредување видеа за да инсценираат слики на мртви руски војници и уништени украински градови.

Сервисот за проверка на Факти „Поинтер“ направил преглед на оваа веб-страница и оценува дека нејзините „проверки на факти“ се всушност делови од дезинформации кои користат добро познати техники на руската пропаганда – некохерентност, голем обем на тврдења, повторување и изјави за очигледни невистини – за да ги збунат читателите кои се обидуваат да разберат што се случува во Украина.

„War on  fakes“ користи заедничка стратегија на руската пропаганда: користи погрешни информации за да произведе амбиент што ги прави читателите сомничави кон официјалните извори на информации и неспособни да веруваат – среде мноштво лажни, измамнички и надреални тврдења за војната – во самата можност за објективна вистина. Проектот тоа го прави преку киднапирање на форматот за проверка на факти. Читателите кои одат на оваа страница, очекувајќи ја конечната вистина, всушност наидуваат на измама, пишува Поинтер.

Малку е познато кој стои зад оваа руска веб-страница за „проверка на фактите“. Нејзините креатори се идентификуваат само како „администратори на неколку руски неполитички канали на Телеграм“, а ниту еден од нејзините автори не е именуван. Страницата нема импресум, ниту контакт или  адреса.

 

Како „War on  fakes“ открива „дезинформации“?

Листајќи ги „проверките на факти“ на оваа веб-страница, наидовме на „руска проверка на фактите“ во врска со информациите за гранатирањето на станбена зграда во Дњепар кога загинаа најмалку 46 лица. Како што соопштија украинските официјални лица и експерти, вклучително и Центарот за стратешки и меѓународни студии со седиште во САД, станбената зграда ја погодил руски крстаречки проектил Кх-22.

Разбиената деветкатна зграда беше олицетворение на еден од најсмртоносните поединечни напади во Украина од руската инвазија.

Но, веб-страницата наречена „Војна против лажните  вести“, „ексклузивно“ тврди дека зградата била уништена од украинска ракета за воздушна одбрана.

Слично на професионалните проверувачи на факти, и „War on fakes“ користи визуелни слики со зборот „лажен“ втиснат со задебелени црвени букви.

За обидот на Русија, вината за гранатирањето на зградата да ја префрли на Украина, неодамна пишуваше и Вистиномер.

Она што е факт е дека истрагата покажала оти зградата е погодена од руска ракета oд типот Кh-22. Ова го објавија странски медиуми, повикувајќи се на украинската воздушна команда, која објави и прецизно од каде дошол нападот, т.е. од правец на Курск во Русија.
Станува збор за моќна ракета со долг дострел, околу 600 километри, дизјанирана уште во советско време, чија основна намена била да биде убиец на бродови, односно наменета како против-бродска ракета за главни борбени бродови – разурнувачи, крстарици или носачи на авиони. Но, со почетокот на агресијата на Русија врз Украина, Русија почнува да ги користи овие ракети како тешко средство за уништување цели на земја и тоа уште од мај 2022 година, во јуни неколку вакви ракети го уништија шопингот молот во Кременшчук, убивајќи над 20 цивили. Најчесто ги истрелува од воздух од стратегиските бомбардери ТУ – 22М.

 

Целта е да се збуни публиката и да се поткопа довербата во автентичните проверувачи на факти

Од инвазијата на Русија, иницијативата „War on  fakes“ стана моќен центар за ширење лажни дебанкирања (разоткривања). Тоа е ефикасно средство за државна пропаганда и дезинформација. Функционира првенствено затоа што проверката на фактите обично им служи на читателите како „авторитативен“ извор за барање „објективни информации, вели за АФПРоман Осадчук од Дигиталната форензичка истражувачка лабораторија на Атлантскиот совет.

Киднапирањето на форматот за проверка на фактите го засилува она што аналитичарите го нарекуваат информативна војна околу инвазијата, предизвикувајќи нови предизвици за автентичните разоткривачи на дезинформации.

Лажните проверки на факти ризикуваат да ја поткопаат довербата во веродостојните медиуми и легитимните институции за проверка на фактите. Тие, исто така, можат да ги искриват перцепциите за Украина и Западот, и да направат да изгледа како да е невозможно да се добијат факти за војната, изјави за АФП Медлин Роуч, од NewsGuard.

„War on  fakes“ често објавува серија проверки на факти за иста тема, понекогаш со повеќекратни и спротивставени изјави кои ги преплавуваат читателите.

Целта е да се збуни публиката, да се преоптовари. Идеалниот резултат ќе биде потрошувач кој ќе заврши велејќи „има премногу верзии на настани, невозможно е да откријам каде е вистината, изјави за АФПЈакуб Каленски, висок аналитичар во Европскиот центар за извонредност за борба против хибридните закани.

Ова не е првпат Русите да се потпираат на формат за проверка на факти за да шират дезинформации.

Во 2017 година, руското Министерство за надворешни работи започна проект наречен Несигурни публикации, како дел од својата веб-страница каде што објавуваше проверки на факти. Анализата на Бен Нимо , во тоа време виш соработник во Лабораторијата за дигитални форензички истражувања на Атлантскиот совет, покажа дека ниту една од 11-те стории објавени во првиот месец на Unreliable Publications не е веродостојна.

Исто така, во 2017 година, државната телевизиска мрежа РТ започна проект на својата веб-страница за вести наречен FakeCheck, кој, како што беше  најавено, имаше за цел да ги „одвои фактите од  лажните вести“. Според Нимо, од девет статии објавени во првите две недели од неговото постоење, четири содржеле „неточности и можна пристрасност со ирелевантни или недоволни докази“.

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...