Утрово во 9 часот, во СВР Скопје пријавено е дека на електронски адреси во две приватни училишта во Скопје и во еден музеј пристигнати се пораки за наводно поставени експлозивни направи во училишта, потврдија за Мета во Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Веднаш се преземени соодветни мерки и активности, извршени се потребните проверки и утврдено е дека се работи за лажни пријави. Секторот за компјутерски криминал во содејство со секторот за тероризам, а преку секторот за меѓународна полициска соработка се преземаат мерки, односно се врши истрага во однос на тоа кој е сопственик на електронската пошта, односно од каде се испраќани лажните дојави за бомби, наведено е во соопштението од МВР.