Постот шири невистини дека училиштата во кои учат Албанци нема дојави за бомби. На 15 декември 2022 година, на пример, дојави за поставени бомби имаше во кумановските основни училишта „Бајрам Шабани“, „Крсте Мисирков“, „Браќа Рибар“ „Јероним Де Рада“ каде наставата се изведува и на македонски и на албански наставен јазик. Истиот ден лажни дојави за бомби добија гимназијата „Зеф Љуш Марку“ во Скопје и гимназијата „Сами Фрашери“ во Куманово, каде наставата се одвива на албански јазик. Од МВР за Вистиномер потврдија дека лажните дојави не се насочени само кон училишта каде наставата се одвива на македонски јазик, туку и кон училишта каде наставата е на албански јазик.
Написот на Вистиномер го пренесуваме во целост.
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:
Отекоа со дојавите за бомби! А за другарче прашувам, зошто нема дојави за бомби во албански училишта?
Изминатиот период од неколку месеци во различни институции – државни училишта, државни институции, музеи, приватни трговски центри, големи објекти кои се наоѓаат на јавен простор, пристигнуваат дојави, односно закани за наводно поставени експлозивни направи, коишто при проверките на МВР се покажуваат невистинити, лажни дојави.
Во постот што го рецензираме невистинито се тврди дека во училиштата во кои учат ученици Албанци нема дојави за поставени експлозивни направи. Дополнително, изоставен е фактот дека дојавите за бомби не се упатувани само кон училишта, туку и кон други институции.
На 15 декември 2022 година, на пример, медиумите повикувајќи се на МВР објавија:
Добиени се дојави за поставени експлозивни направи 17 основни и 22 средни училишта во Скопје и во осум основни и едно средно во Куманово, при што во најголемиот дел од скопските училишта и во сите кумановски проверките се завршени и е констатирано дека се работи за лажна закана.
Според податоците на Општина Куманово, покрај до овие три, дојави за поставени бомби биле упатени и до основните училишта „Бајрам Шабани“, „Крсте Мисирков“, „Браќа Рибар“ „Јероним Де Рада“, како и во училишта надвор од поширокото централно градско подрачје, каде наставата се изведува и на македонски и на албански наставен јазик, објави Нова Македонија (15.12.2022)
Исто така, во голем број на државни институции, музеи, судови, како и приватни трговски центри, каде се упатувани заканите за наводните експлозиви, се движат и работат лица од сите етнички заедници.
Лажна дојава за наводна бомба имаше за скопскиот аеродром, каде редовно има патници од земјава и од странство.
Алсат на 15 декември 2022 објави дека лажни дојави за бомби имало во гимназијата „Зеф Љуш Марку“ како и во гимназијата „Сами Фрашери“ во Куманово, каде наставата се одвива на албански јазик.
Од Министерството за внатрешни работи, за Вистиномер потврдија дека лажните дојави за бомби не се насочени само кон училишта каде наставата се одвива на македонски јазик, туку и кон училишта каде наставата се одвива и на албански јазик.
Следствено, не може да се направи таква класификација каква што е неточно направена во постот што го рецензираме, дека во училишта во кои учат Албанци нема дојави за бомби.
Поради сите горенаведени факти постот го оценуваме како невистинит.