fbpx

Лажна наградна игра повторно ги мами корисниците на Фејсбук

-

Фејсбук страница, иако се претставува како продавница за велосипеди, нема ни локација, ни купувачи. Eдинствената оставена рецензија за неа, е дека станува збор за лажна страница со цел да се прибават вашите лични податоци. Страницата е креирана на 12 септември годинава. Станува збор за измамнички начин на прибирање на личните податоци на корисниците на социјалните мрежи со лажно ветување дека ќе добијат награда велосипед.  Дополнително, тие самите, мислејќи дека така ќе учествуваат во наградната игра, го споделуваат лажниот пост во повеќе групи, со што објавата добива уште поголема масовност, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, со кој се мамат корисниците дека со доброволно внесување на нивните лични податоци во систем за нивно прибирање и со коментар „готово“ ќе учествуваат во наградна игра со можност да добијат 670 велосипеди.
Добри вести. Со задоволство објавуваме дека ќе донираме 670 велосипеди кои не можат да се продадат поради мали гребнатини и помали оштетувања. Сите велосипеди уште работат добро, па по случаен избор ќе испратиме до секој што ќе сподели и ќе напише ,,Готово”. Последниот чекор кој треба да го направите е да кликнете на овој линк (линкот не го објавуваме со оглед на тоа што се работи за систем кој собира лични податоци) за вашето име да биде регистрирано како официјален победник на нашиот настан, се вели во постот.

Дополнително, во прилог на објавата има и неколку фотографии, од пакети и од продавници за велосипеди.

Има голем број на показатели дека фотографиите не се од Македонија. На пример на оваа фотографија, знакот за намаление е испишан на англиски јазик, а исто е и со сите ознаки во продавницата за различните производи кои се продаваат кои исто така се напишани на англиски јазик.

И покрај тоа што фан страницата која ја споделува лажната наградна игра ја следат само 491 лице, сепак постот е исклучително вирален и допира многу поголем број на корисници на социјалната мрежа Фејсбук. Конкретно, станува збор за објава споделена над две илјади пати, а има 1.900 коментари и над 500 допаѓања. Кога ќе се пристапи на линкот од објавата, (што според наведеното во постот е задолжително за да се учествува во наградната игра), тогаш системот ги пренасочува корисниците на нова страница, на која има граматички грешки.

На пример, ве дочекува порака за добредојде со следната содржина:

Добредојдовте на нашата официјална страница на велосиписки светот. Официјално ви даваме шанса да освоите една единица велосипедска награда од нашата компанија. Последниот услов што треба да го направите за да можете да ја добиете оваа награда, ве молиме кликнете на копчето за регистрација подолу за да го потврдите вашето име за да биде наведено како официјален победник на нашиот настан.
Дополнително, неименуваниот администратор на Фејсбук страницата од која се споделува невистинитата наградна игра, под секој коментар на измамен корисник, кој ќе напише „Готово,“ дава инструкции за уште помасовно ширење на измамничката содржина. Имено, под секој коментар „Готово“ им се вели на измамените корисници на Фејсбук дека „нивниот влез е речиси завршен, и само уште треба да го завршат процесот на валидација на начин што ќе ја споделат објавата во осум активни групи на Фејсбук во кои членуваат“.

Ова објаснува како постот добил толку широка масовност, и покрај тоа што групата од каде што тој се споделува нема голем број членови.

Страницата, иако се претставува како продавница за велосипеди, нема ни локација, ни купувачи. Eдинствената оставена рецензија за неа, е дека станува збор за лажна страница со цел да се прибават вашите лични податоци. Страницата е креирана на 12 септември годинава.

„Вистиномер“ и претходно пишуваше за слична измама  овде.

Поради сите горенаведени факти постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит. Станува збор за измамнички начин на прибирање на личните податоци на корисниците на социјалните мрежи со лажно ветување дека ќе добијат награда велосипед.  Дополнително, тие самите, мислејќи дека така ќе учествуваат во наградната игра, го споделуваат лажниот пост во повеќе групи, со што објавата добива уште поголема масовност.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Деновите од изборите ќе се одработат, учениците подолго ќе престојуваат во училиште

Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање - 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ...