Точно е дека Калас потврдила оти Естонија обезбедува и складира гас преку Финска и Латвија, и дека ова е дел од напорите за енергетска сигурност и намалување на зависноста од руски гас. Таа го споменала користењето на резерви во Финска и Латвија (без да купува руски гас), како и инфраструктурната поврзаност преку Balticconnector и регионалната координација. Во тој контекст важно е да се напомене дека Финска и Латвија не се снабдуваат со гас од Русија. Калас не изјавила дека „гасот на Финска и Латвија им доаѓа од цевките“. Напротив, нејзините коментари се во контекст на регионална енергетска безбедност, инфраструктурни поврзувања и диверзификација на снабдувањето, но без таква конкретна формулација, пишува „Вистиномер“
Во продолжение ви ја пренесуваме објавата во целост:
Анализираме објава на Фејсбук која споделува наводно интервју на Каја Калас, висока претставничка за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателка на Европската комисија и притоа вели:
Глупави сте цела ЕУ.
Во наводното интервју на српски јазик што го споделува објавата, Калас, додека била премиерка на Естонија, изјавила:
– Ние не зависиме од испораката на гас од Русија.
– Од каде зимате гас?
– Купуваме од Финска и Латвија.
– А на нив од каде им е гасот?
– Од цевките.
Каја Калас не изјавила „ние не зависиме од рускиот гас“. Напротив, таа има упатено критички коментари за зависноста на Европа од руски енергенси, но не кажала оти не зависат од рускиот гас.
Во својата изјава пред инвазијата на Украина во јануари 2022 година, таа го опиша гасоводот „Северен тек 2“ како „геополитички проект, а не економски“, и предупреди дека „европската зависност од руски природен гас е значаен политички проблем“.
Европската Унија се стреми да ја намали зависноста од рускиот гас, но тоа е дел од поширока европска стратегија.
ЕУ планира целосна независност од рускиот гас до крајот на 2027 година и веќе разгледува забрана за нови договори за увоз по 2025 година. Дополнително, енергетскиот комесар Дан Јоргенсен истакна дека наместо да се даваат пари на „воената каса“ на Путин, треба да се произведува сопствена енергија, и дека Европа ќе бара други извори (на пр. САД) за да се замени рускиот гас.
Каја Калас, како премиерка на Естонија во 2022 година навистина спомена дека Естонија набавува или е поврзана со природен гас преку Финска и Латвија. Имено, во својот политички говор на 2 мај 2022, таа изјави дека во рамките на буџетот за дополнителни мерки се обезбедени средства за стратегиски резерви на гас, вклучувајќи и резерви складирани во Финска и Шведска, но без купување руски гас.
„…да се добие гас за централните резерви на државата и да се донесат националните резерви на гориво складирани во Финска и Шведска во Естонија.“
Во интервју за ERR, таа дополнително објасни дека Естонија има поврзаност преку Balticconnector со Финска. Дел од резервите се складирани во Латвија, а поврзани се и со LNG терминалот таму.
Исто така, во изјава од декември 2022, таа потенцираше дека има регионална солидарност меѓу Естонија, Латвија и Литванија.
Точно е дека Калас потврдила оти Естонија обезбедува и складира гас преку Финска и Латвија, и дека ова е дел од напорите за енергетска сигурност и намалување на зависноста од руски гас. Таа го споменала користењето на резерви во Финска и Латвија (без да купува руски гас), како и инфраструктурната поврзаност преку Balticconnector и регионалната координација.
Во тој контекст важно е да се напомене дека до мај 2022, Финска увезуваше околу 70 отсто од својот природен гас од Русија преку гасоводот „Gasum – Gazprom Export“. По одлуката на Русија да ја прекине испораката (кога Финска одби да плаќа во рубљи), Финска почна да се снабдува преку LNG (Liquefied Natural Gas) – најмногу преку терминали во Хамина и Инко. Преку Balticconnector гасоводот, кој ја поврзува Финска со Естонија, а понатаму со резервите во Латвија и LNG во Литванија (Клајпеда). Значи, денес гасот за Финска доаѓа од LNG пратки (САД, Катар, Норвешка) и од балтичката гасна мрежа, а не од Русија. Како што сака тоа да го прикаже објавата која ја анализираме.
Латвија, пак, има големо подземно складиште за гас – Inčukalns Underground Gas Storage, кое традиционално складирало руски гас. По април 2022, Латвија престана да купува руски гас (како и Естонија и Литванија). Снабдувањето се врши преку LNG терминалот во Клајпеда, Литванија (кој прима пратки од САД, Катар, Норвешка). А поврзаноста со финско-балтичкиот гасен систем, значи дел од LNG од Финска исто така може да оди кон Латвија.
Понатаму, Калас не изјавила дека „гасот на Финска и Латвија им доаѓа од цевките“. Напротив, нејзините коментари се во контекст на регионална енергетска безбедност, инфраструктурни поврзувања и диверзификација на снабдувањето, но без таква конкретна формулација.
Во изјавата од јуни 2023 година (цитирана во ERR), таа рече:
Ние всушност добиваме гас од Balticconnector гасоводот. И во оваа смисла, имаме договор, имаме договор за солидарност со Латвија и Финска, и тие работи треба да функционираат. Важно е дека тој гас е таму.
Значи, Balticconnector е подводен гасовод кој ги поврзува Естонија и Финска, овозможувајќи двонасочен проток на гас меѓу нив. Латвија и Естонија се поврзани преку гасоводот Vireši–Tallinn, кој овозможува гасовна врска од Латвија до Естонија и да обезбедува пристап до Inčukalns складиштето во Латвија.
Главниот елемент во изјавите на Калас е дека гасот што се користи доаѓа преку инфраструктурни мрежи и регионална соработка, а не дека „гасот доаѓа од цевките“ во смисла на исклучива или директна набавка од други земји само преку гасоводи.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме е невистинита.
