fbpx

Лавров обвинува дека платеници од Балканот се борат во Донбас, Зеленски вели спремни сме за разговори

-

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека Русија ги проверува информациите оти во Косово, Албанија и Босна и Херцеговина се регрутираат платеници што ќе се испратат за борби во Доњецк и Луганск, јавува Радио-телевизија Војводина.

Лавров за РТ изјави дека од овие земји се регрутираат и испраќаат сили коишто треба во Донбас да се употребат за да се исфрли Русија од рамнотежа.

„Косово и некои други делови од Западниот Балкан постанаа расадник на злочин. Таму има терористи, нарко-дилери. Они регрутираат платеници да учествуваат во борбените дејствија кои постепено ги потпалуваат, вклучувајќи ги и САД“, изјави рускиот министер Лавров.

Инаку, рускиот министер тврди дека ги проверуваат ваквите информации, но не објави и докази за нив. Сепак, ваквите обвинувања пласирани од Лавров се докажани веќе неколку години наназад за учество на српски лица во паравоените сили во Донбас, вклучувајќи и платеници вклучени во приватната руска воена единица „Вагнер“. Во 2018 година, Украина реагираше до Србија за ваквите платеници.

Радио Слободна Европа на српски јазик во 2018 година објави и интервју со еден од српските доброволци што се бореа на страна на паравоените проруски сили во 2014 година, а којшто беше осуден во Србија за учество во војна во странство. Тој и покрај условната казна во Србија, се вратил повторно да војува во Луганск.

И додека траат обвинувањата од двете страни за учество на странски доброволци во украинскиот конфликт, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја е подготвена за разговори со Русија за да се воспостави мир и покрај актуелниот конфликт во Украина, јавуваат светските медиуми.

„Подготвен сум за разговори во било кој формат“, изјави вчера Зеленски за време на неговата посета на линијата на разграничување во украинскиот град Мариупол.

Воедно, тој додаде дека го поддржува напорот на другите земји да понудат асистенција во организирањето на средба со руската страна. Зеленски рече дека и на Украина не ѝ се потребни војници од други земји на негова територија, бидејќи не сакаат да им даваат дополнителни причини на Русија да обвинува дека поради “странски бази” на нејзина територија Русија треба да се брани од нив.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен наредната недела планира да се сретне со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за да разговараат за ситуацијата во Украина.

Наредниве денови ќе има серија на состаноци за состојбата во Украина, почнувајќи од денешната средба на американскиот претседател Џо Бајден со лидерите на Канада, Франција, Германија, Италија, Полска, Романија и Велика Британија, додека средби се предвидени и на маргините на 58-та Минхенска безбедносна конференција што се одржува од денеска до 20 февруари.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...