Лавров ги обвини НАТО и ЕУ за забраната за прелет над Бугарија, Македонија и Црна Гора

Одбивањето од Бугарија, Северна Македонија и Црна Гора да дозволат прелет на неговиот авион со кој денеска требаше да пристигне во официјална посета на Србија, по што таа беше откажана, за рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров е прибегнување на ЕУ и НАТО кон најдолни средства за да ја спречат Србија да ги избира своите партнери.

Лавров на прес-конференцијата во Москва попладнево тоа го нарече цинична позиција на Западот.

„ЕУ сака да направи проект што ќе го носи името „затворен Балкан““, рече Лавров алудирајќи на иницијативата Отворен Балкан на Северна Македонија, Албанија и Србија. Самитот за Отворен Балкан ќе се одржи утре и задутре во Охрид.

Лавров требаше денеска во 18 часот во Белград да се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ, но и со српскиот патријарх Порфириј, со српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ, а во Белград за средба со Лавров се очекуваше да пристигнат и претседателката на Република Српска, Жељка Цвијановиќ и српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик.

Рускиот министер за надворешни работи нагласи дека никој нема да може да ги сруши односите што Русија ги има со Србија и рече дека српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ е повикан да ја посети Русија.

Откако денеска се рашири информацијата за одбивањето да се даде дозвола за прелет на авионот Ил-96 на Лавров, српскиот претседател Александар Вучиќ се сретна со рускиот амбасадор во Србија, Александар Боцан Харченко. Притоа Вучиќ бил информиран дека посетата на Белград е откажана, а Харченко му приложил документација за откажувањето на посетата од страна на Бугарија, Северна Македонија и Црна Гора.

Вучиќ потоа на својот Инстаграм профил рече дека за целата ситуација ќе зборува во Дневниот на државната РТС1 вечерва во 19.30 часот.