fbpx

Латинска Америка сè повеќе „се гуши“ од ковид-19

-

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот и во светот.

Познатиот сервис за проверка на фактите polygraph.info анализира каква е ситуацијата со пет земји од Латинска Америка, во кои нешто се премолчува, нешто се извитоперува, но сосема сигурно, не се кажува целата вистина за заразените, болните и починатите од новиот корона вирус.

Анализата почнува со изјавата на претседателот на Мексико, Андрес Мануел Лопез Обрадор, дадена на 14 јуни, со која порачува дека земјата ја надминува најтешката фаза од пандемијата на ковид-19. „Не треба да се прославува, не треба да се прогласува победа, но мислам дека најлошото помина“, рекол Обрадор во видео-пораката на својот официјален Јутјуб канал.

Оваа негова изјава уследи по скокот на нови случаи на ковид-19 во Мексико, со рекордни 5.222 случаи на 12 јуни и 3.500 нови случаи ден потоа, додека бројката на починати од новиот корона вирус во двата дена изнесува речиси 1.000.

Ова тврдење на Обрадор е заведувачко – што не е преседан во Латинска Америка, која на 1 јуни всушност стана новиот центар на пандемијата на ковид-19, а многу водачи излегоа со оптимистички прогнози во врска со вирусот или пак ја намалуваа реалната бројка на случаи, пишува polygraph.info, кој ја анализирал ситуацијата во пет земји во Латинска Америка, за која вели дека се одликува со недоволен број тестирања, вградена нееднаквост, корупција и проблематични владини системи, што пак го прави речиси невозможно доаѓањето до прецизните податоци за корона вирусот.

Мексико
Како и многу други лидери, и мексиканскиот претседател ја намали опасноста од корона вирусот уште од самиот стар. На 28 февруари, кога земјата го забележа првиот случај на ковид-19, Лопез Обрадор рече дека вирусот „не е опасен ни колку грипот“, пишува polygraph.info.

Во март, кога сосетката на Мексико, САД, полека почна со „затворање“, Мексико функционираше речиси како нормално. Уште се одржуваа фудбалски натпревари и концерти, а гушкањето беше нормална работа, и дури и претседателот го поддржуваше. Кон крајот на тој месец, кога бројот на случаи почна да расте, се прогласи „затворање“, односно изолација во домовите. Кон крајот на април, Лопез Обрадор прогласи дека пандемијата е под контрола, но не беше така.

Властите порачуваа дека масовно тестирање за вирусот не е неопходно. Во мај д-р Хуго Лопез-Гател, функционер во мексиканското министерство за здравство за Си-Ен-Ен рече дека масовното тестирање „како стратегија за проценка е многу неефикасно“, бидејќи било „бесмислено да се прават тест по тест по тест, кога сите тие тестови ќе дадат негативни резултати“.

Извештај објавен на крајот на мај од групата „Мексиканци против корупцијата и неказнивоста“ спомена дека бројката на смртни случаи во земјата е три пати поголема од официјалните бројки. До истиот заклучок дојде и весникот „Њујорк Тајмс“, кој напиша дека според анкета во болниците во Мексико Сити бројката на починати од ковид-19 е три пати поголема од официјалните бројки.

Во тоа време, Мексико тестираше помалку од еден човек на 1.000. Сега, речиси еден месец подоцна, капацитетите за тестирање остануваат забележително ниски. На 11 јуни биле извршени 2,82 тестирања на 1.000 луѓе, што е пониски и од Бангладеш (3,15 на 1.000 луѓе), иако Мексико е шест пати побогато од оваа азиска земја, пишува polygraph.info.

Во Мексико исто така има недостиг на лекари и медицински сестри за правилно да се постапува среде пандемијата. Во април бил објавен план за вработување 6.600 лекари и 12.300 сестри, а бил склучен и договор со Куба вреден шест милиони долари за да се „позајмат“ 600 кубански лекари, кои би требало да работат до јули. Минатата седмица Секретарот за здравство на Мексико Сити, Оливиа Лопез, за „Ројтерс“ изјави дека престојот на кубанските лекари ќе биде продолжен.

Извештаи од луѓето што се на фронтот против корона вирусот зборуваат за здравствен систем во распад, со недостиг на опрема, што зборува за неспособност за вистинска грижа за болните, наведува polygraph.info.

Сепак, земјата се насочи кон повторно отворање уште на првиот ден на месецот, кога суштинските индустриски гранки – како градежништвото – може да продолжат со работа. Другите сектори треба да се „отворат“ во фази во следниве седмици.

Во Канкун изминатава седмица почнаа да пристигнуваат туристи. Туристичката индустрија на Мексико очајнички сака повторно да почне со работа, клубовите од врвната фудбалска лига Liga MX изминатата седмица почнаа со тренинзи.

Бразил
Оваа земја е, без сомнение, епицентарот на кризата со корона вирусот во Латинска Америка. Сега Бразил е втор во светот, по САД, а на 17 јуни според податоците на американскиот универзитет „Џонс Хопкинс“, имало 956.000 потврдени случаи на ковид-19 и 46.500 починати.

Бидејќи не се спроведува општо тестирање, реалните бројки се најверојано многу повисоки. Едно истражување на национално ниво спроведено во мај излезе со проценки дека реалните бројки се најверојатно седум пати поголеми од официјалните, пишува polygraph.info.

Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро ја умалува опасноста од вирусот, нарекувајќи го „мал грип“, настојува да се прекинат изолациските политики во државите и промовира користење на хидрохлорокинот, лек против маларијата којшто нема докажана ефикасност во лекување на ковид-19. Тој исто така ги поддржуваше и учествуваше во протестите поради изолациските мерки.

Болсонаро го отпушти во април го смени министерот за здравство Енрике Мандета, а во следниот месец, мај, неговиот наследник Нелсон Теих си даде оставка по само еден месец на функција. Сега на позицијата е Едуардо Пазуело, воен генерал, а во неговиот мандат владата ја смени сатницата на објавување на дневните статистики за ковид-19 и тие почнаа да се публикуваат во 22 часот.

Експертите го критикуваа тој потег, велејќи дека така населението потешко се информира. Со негодување реагираа и новинските агенции, поради тоа што новите бројки не се достапни во ударните термини, а пак Болсонаро рече дека промената била направена за да „се избегне објавување пониски бројки и неконзистентни податоци“. Дополнително, повеќе не се објавуваа и вкупните бројки на заболени и починати, туку само новите бројки за изминатите 24 часа.

Според министерот за здравство Пазуело, промената била направена за да се обезбедат „стоотстотна транспарентност и податоци за секого“. Но здравствените експерти, политичарите и граѓаните го осудија овој потег, велејќи дека објавувањето само на новите бројки оневозможува транспарентно следење на напредувањето на болеста. Исто така, бидејќи се потребни по неколку дена за да се пребројат смртните случаи, велат критичарите, тоа може да создаде лажно чувство дека бројката на починати опаѓа и да ги направи луѓето поневнимателни. Со тоа, министерството мораше да се повлече од ваквата политика, пишува polygraph.info.

Во фавелите – сиромашните населби во Рио де Жанеиро, бројките на смртните случаи се поголеми од оние во поголемиот дел други населба на овој град. Сега во фавелите ред спроведуваат наркобосовите, наметнувајќи забрани за излегување, одржување растојание, а дела и храна. Експертите велат дека овие населби, со својата пренаселеност и отсуство на канализација, се места каде што вирусот може бргу да се шири.

Повеќе од четвртина од населението на Бразил живее во сиромаштија, главно во селата, каде што има многу слаба или воопшто нема медицинска нега. Месецов речиси третина од вкупниот број случаи на ковид-19 се во руралните области.

Чиле
Својот прв случај на ковид-19 Чиле го регистрираше на 3 март, а на 19 март владата прогласи катастрофа на национално ниво, со мерки со важност од 90 дена. Тие вклучуваат забрана за јавни собири, ограничување на патувањата и контрола на распределувањето на најнужните работи.

Чилеанскиот министер за здравство Хаиме Мањалих промовираше политика на динамично „затворање“ – ограничување на движењето во некои населби наместо на територија на целиот град. Во интервју на 12 април претседателот Себастиан Пињера рече дека не е одржливо да се наметне изолација на граѓаните од целата земја во нивните домови, бидејќи „никој не може да обезбеди семејствата во карантин ќе ги имаат потребните лекови и храна и основни услуги“.

Владата подоцна, во мај, ја напушти таквата политика, откако почна бргу да расте бројката на нови случаи во посиромашните и погусто населените населби, пишува polygraph.info.

Иако беше една од првите земји во Латинска Америка што спроведе итни кризни мерки, бројката на жртви во Чиле постојано расте и со 19,3 починати на 100.000 луѓе, е зад Бразил (22,2), Перу (22,7) и Еквадор (23,45), според податоците од универзитетот „Џонс Хопкинс“.

Маналих поднесе оставка на 13 јуни, по аферата со бројките објавени од СЗО за смртноста во Чиле, односно бројката од 5.000 смртни случаи што била испратена до СЗО е многу поголема од официјално објавената бројка пред граѓаните.

На 16 јуни, министерството за здравство на Чиле соопшти дека ќе ги корегира бројките за корона вирусот и ќе ги вклучи 31.412 случаи што претходно не биле регистрирани, поради процесот на известување и обновување на бројките.

Перу
Оваа земја е втората најтешко погодена од ковид-19 во регионот, со речиси 241.000 случаи и 7.260 смртни случаи на 18 јуни, според „Џонс Хопкинс“. Но дури и Цесар Мунајко од министерството за здравство вели дека вистинските бројки се најверојатно поголеми – дури до два пати поголеми, ако се земат предвид случаите сомнителни за корона вирус, коишто сепак не се потврдени. Во интервју за една перуанската телевизија на 7 јуни, тој рече „Вкупно, починатите што се сомнителни за ковид-19 се 14.000. 8.500 беа потврдени како позитивни со брзите тестови и останува да се потврдат останатите 6.000 случаи, пишува polygraph.info.

И покрај брзото преземање мерки на почетокот, строги мерки за изолација и затворање дома и високи износи на пакетите за помош, Перу не успеа да ја избегне опасноста. Многу Перуанци не ги почитуваат карантинските мерки, велат експерттите. На пример, за да ја примат паричната помош, луѓето чекале во редици пред банките за да ги подгигнат чековите. Според Светска банка, речиси 60 отсто Перуанци немаат банкарски сметки. Тие што не можеле да ја примат помошта, отишле во нивните села – многумина пешачејќи стотици километри во период од многу денови. Таа бројка изнесува околу 167.000 луѓе и голем дел од нив го донеле вирусот со себе во селата.

Исто така, луѓето морале редовно да ги напуштаат своите домови за да добијат храна. Според анализа спроведена од владата во 2018 година, 44 отсто од домаќинствата во Перу немаат фрижидери и мора редовно да купуваат на пазарите и во продавниците, каде одржувањето растојание е речиси невозможно.

Пазарите станаа расадници на заразата. Во април, 842 пазарџии од еден прометен пазар во Лима беа тестирани за корона вирусот, а од тоа имаше 162 позитивни резултати. Пазарот беше затворен, но тој е само еден од илјадниците пазари, супермаркети и продавници во главниот град.

И покрај напорите на владата да се подобри здравствениот систем (вклучувајќи удвојување на бројот на болнички кревети – на 20.000 и на кревети на ургентните одделенија на 2.000, децениското неинвестирање во здравството доведе до претоварени и неподготвени болници и голем пораст на цените на лековите, поради нивни недостиг. Во јуни, 85 лекари од Куба дојдоа за да помогнат во борбата со ковид-19.

Еквадор
Пандемијата го нападна тешко задолжениот Еквадор во време кога се соочуваше со нова економска криза, голем пад на извозот и дефекти на главните нафтоводи. Еквадор има најголем број смртни случаи во регионот – 23,45 на 100.000 луѓе, велат податоците на американскиот универзитет „Џонс Хопкинс“.

Некои семејства морале самите да пребаруваа во мртовечниците за да ги пронајдат своите починати роднини. Други воопшто немаат информација што се случило со нивните роднини што биле примени в болница. Во Гвајакил, некои луѓе морале со денови да чекаат за властите да им ги предадат телата на починатите – а некои потоа ги оставале телата на улица, пишува polygraph.info.

И во оваа земја не се пријавени голем дел од случаите со ковид-19 и починатите од оваа болест. На 2 април, претседателот на Еквадор, Ленин Морено, во јавно обраќање призна оти владата знае дека „и бројките на заразени и бројките на починати се пониски од реалните“.

По неколку несовпаѓања на бројките во официјалните извештаи, еквадорските власти ја сменија методологијата за пребројување на случаите со ковид-19 и ги бројат само тие со симптоми, без разлика на резултатите од тестирањата.

Во Еквадор сега се вршат и некои истраги за можна корупција во набавките на медицинска опрема во текот на пандемијата. Меѓу осомничените е и поранешниот претседател Абдала Букарам.

На 12 јуни, голема лабораторија од главниот град Кито престана да ги врши тестовите, оти немаше доволно маски, ракавици, епрувети и пипети, пишува polygraph.info.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...