Ланските победници на NASA Space Apps Challenge од земјава беа во посета на НАСА

Извор на фотографија: NewMan's Business Accelerator

Минатогодишните победници на NASA Space Apps Challenge од Македонија се во посета на Вселенскиот центар „Кенеди“ на НАСА (NASA Kennedy Space Center) во САД. Дипломците по мехатроника на Машинскиот факултет во Скопје,- Тијана Костовска и Климент Младеноски од Охрид, го предводеа минатогодишниот победнички тим од Македонија TeamySeed и веќе една седмица се во центарот на вселенските мисии во Флорида

Тијана и Климент денеска имаа можност да се сретнат и поразговараат со астронаутот – пилот Вуди Спринг, кој реализирал бројни мисии со спејсшатлот и поминал 165 часа во вселената, а остварил и две „прошетки“ во вселената. Астронаутот им раскажа како се одлучил за таква кариера, какво е чувството да се биде во ракетата додека полетува, што значи да се живее на Меѓународната вселенска станица (МВС) и да се излеза надвор од леталото во вселената, како и за неговите мисии кога бил одговорен за лансирање на три комуникациски сателити.

Тијана и Климент имаа и ексклузивна можност низ посетата на центарот „Кенеди“ да ги води коментаторот на лансирања на ракети во вселената Стив Еџид, кој претходно има и 28-годишно искуство во контрола и оптимизација на лансирање за мисиите на спејсшатлот и ракетите „Делта“ и „Атлас“.

За време на посетата, тие имаа можност одблиску да се запознаат со животот на астронаутите во вселената и на МВС, видоа примерок од легендарниот спејсшатл вратен од мисија, како и примерок од ракетата „Сатурн 5“ висока дури 110 метри, што е еднакво на зграда од 36 ката.

Тие имаа и ретка можност да го проследат и враќањето на ре-употребливата ракета на „Спејс Екс“ (SpaceX) на космодромот „Кејп Канаверал“.

Дополнително, Тијана и Климент ќе се сретнат со научници од Вселенскиот центар „Кенеди“, со кои ќе имаат можност да поразговараат со предизвиците со кои се соочија при развивањето на нивното решение на минатогодишниот хакатон NASA Space Apps Challenge.

Инаку, пријавувањето за 10 годишното јубилејно издание на натпреварот NASA Space Apps Challenge во Македонија сите заинтересирани можат да го направат на https://forms.gle/6NLDXNiafbWscGDz7

Освен во категоријата за учесници со навршени најмалку 15 години, може да се учествува и во младинската (11-14 години) или детската категорија (5-10 години). Во Македонија натпреварот традиционално се одржува од 2013 година, во организација на ЊуМенс Бизнис Акцелераторот и Фондацијата Голдилокс во партнерство со Амбасадата на САД во Скопје.

NASA Space Apps Challenge се одржува на почетокот на октомври, непосредно по септемвриската испитна сесија, кога многу од студентите сакаат да здивнат и одморат пред стартот на новата учебна година, па секоја година претставува дополнителен тест за одлучност, упорност и креативност.