Македонија минатата година остварила рекорден резултат во бројката на домашни и странски туристи што ги посетиле туристичките локалитети. Во 2019 година се регистрирани 1.184.963 туристи, односно за 5,1 отсто повеќе во споредба со претходната година. Кај домашните туристи има зголемување од 1,9 отсто, додека порастот кај странските туристи е за 7,1 отсто во споредба со 2018 година. Како што се наведува во извештајот на Државниот завод за статистика, лани биле остварени над 3,2 милиони ноќевања во сместувачките капацитети во земјава.

Континуиран пораст на интересот за патувања во нашата земја е забележан во текот на целата година, па така бројот на туристи во декември 2019 година е за 8,7 отсто поголем во однос на последниот месец од 2018 година.

Од странските гости, кои лани биле вкупно на број 757.593, најмногу туристи пристигнале од соседните Србија, Бугарија, Грција, Турција, Косово и Албанија. Во летните месеци е забележан голем број на посетители од Полска и од земјите од Бенелукс.