фото: Архива на Мета

Во текот на минатата година, според Министерството за финансии, се реализирале 99 проценти од планираните капитални инвестиции за спроведување на Проектот за подобрување на општинските услуги – МСИП, со поддршка од Светската банка. Капиталните расходи биле проектирани на 654 милиони денари, од кои се реализирале 646 милиони денари (10,5 милиони евра), соопшти Министерството за финансии.

Оттаму појаснуваат дека станува збор за капитални инвестиции во 32 општини од државава. При тоа, во образовниот сектор е инвестирано во изградба, доградба и реконструкција на градинки во Пехчево, Гостивар, Кисела Вода и Центар, потоа во изградба на улици во урбани и рурални средини, како и атмосферски канализации во Делчево, Центар Жупа, Василево, Ресен, Кисела Вода, Маврово, Студеничани, Шуто Оризари и Ѓорче Петров. Воедно се реализирани проекти за атмосферска канализација во Кисела Вода,  филтер станици во Врапчиште и одделување на атмосферската од фекалната канализација во Гевгелија.

„Во 2021 година, преку проектот МСИП треба да се реализираат капитални инвестиции во износ од 800 милиони денари. Во рамки на годинашниот буџет, предвидено е да започне реализација на повеќе проеkти, меѓу кои и оној за подобрување на енергетската ефикасност во државата. Со Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, 25 милиони евра ќе се доделуваат на општините и на јавните здравствени установи за инвестиции во подобрување на енергетската ефикасност на јавните згради“, информираат од Министерството за финансии.