За само една година бројот на радиодифузери што емитувале радио и телевизиска програма во земјава се намалил за 11 правни субјекти. Од вкупно 118 радиодифузери во 2018 година, лани во Македонија со радиодифузна дејност се занимавале 107 правни субјекти. Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), 62 радиодифузери емитувале радиопрограма, додека 43 од нив емитувале телевизиска програма.

Заедно со намалувањето на бројот на радиодифузери кои емитувале програма на национално, регионално и локално ниво, во 2019 година се намалил и бројот на емитувана радио и телевизиска програма. Според податоците, Македонската радио-телевизија (МРТ) емитувала радиопрограма од вкупно 38.015 часа, од кои најголем дел или 58,4 отсто била музичка програма. Трговските радиодифузни друштва што емитуваат радиопрограма емитувале вкупно 499.320 часа радиопрограма, од кои најголем дел или 63 отсто се, исто така, музичка програма.

МРТ лани емитувала телевизиска програма од вкупно 24.022 часа телевизиска програма, од кои најголем дел или 26,9 отсто се документарна и образовна програма. Приватните телевизиски канали емитувале телевизиска програма од вкупно 437.500 часа, од кои најголем дел или 22,2 отсто се играна програма. Забележливо е дека минатата година кај радио и телевизиските канали имало намалување на бројката на емитувани часови програма на вести, информативна, образовна, научна и документарна програма.

Намалениот број на радиодифузери е особено видлив кај субјектите што продуцирале телевизиска програма. Лани имало по пет трговски радиодифузни друштва помалку што емитуваат ТВ-програма на национално и на локално ниво во споредба со 2018 година. Во 2019 година имало осум радиодифузери што одржувале телевизиски канали на национално ниво, 19 што емитувале регионални ТВ-канали и 15 субјекти што продуцирале ТВ-програма на локално ниво.

Исто така, ДЗС регистрирал еден радиодифузер помалку што емитувал радио програма на регионално ниво, како и три радиодифузери помалку кои имале радио станици на локално ниво во однос на 2018 година. Покрај јавниот сервис, лани имало три трговски радиодифузни друштва што емитувале радио програма на национално ниво, 13 на регионално и 41 на локално ниво.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.