Можно ли е во земја-членка на Европската Унија владата да ги отсече независните медиуми и граѓанските организации од средствата потребни за нивно функционирање само поради тоа што нивните ставови или известување не ѝ се допаѓа? Ова прашање го постави унгарската платформа за проверка на факти Лакмус откако во унгарскиот парламент беше поднесен предлог-закон кој тие го оценуваат како „најсериозен напад досега врз преостанатите независни институции“ во земјата.
Предлог-законот, официјално наречен „закон за транспарентност во јавниот живот“, беше предложен на 13 мај, а се очекува да се гласа за него во првата половина од јуни. Лакмус предупредува дека законот совршено се вклопува во низата стигматизирачки закони за „странски агенти“ и дека предвидува владата произволно да составува листа на „странски финансирани“ организации кои, според власта, претставуваат закана за суверенитетот на Унгарија. Вклучувањето на таква листа не може да биде правно оспорено и повлекува сериозни финансиски и административни ограничувања.
Како што се наведува, Унгарската даночна управа, со помош на банките, ќе има надлежност да ги следи банкарските сметки на „обележаните“ организации, да ги испитува нивните странски трансакции и да ја блокира можноста за пристап до странски фондови доколку процени дека се користат за „влијание врз јавниот живот“. Понатаму, законот предвидува и раскинување на постојните договори за финансирање од странство.
Лакмус, првата платформа за проверка на факти во Унгарија, беше основана во 2022 година со поддршка од Европската комисија, како дел од иницијативата Унгарска дигитална медиумска обсерваторија. Платформата досега објавила над 800 текстови, а нејзините најчитани анализи преку соработката со порталот 444.hu достигнале над 50.000 читатели.
„Нашата работа е јавна, транспарентна и непристрасна. Донаторите никогаш не влијаеле врз нашата уредувачка политика“, велат од редакцијата на Лакмус, додавајќи дека членуваат во меѓународни организации како Меѓународната мрежа за проверка на факти (IFCN) и Европската мрежа за стандарди во проверката на факти (EFCSN).
Според платформата, нивното постоење би било директно загрозено доколку законот се донесе и ги прекине тековните и идните извори на финансирање.
„Не наплаќаме за пристап, немаме реклами и како независен медиум не можеме да се потпреме на домашни фондови. За нас тоа би значело загуба на 100 отсто од приходите“, велат тие.
Лакмус, заедно со други медиуми и граѓански организации, повикува на итна реакција од европските институции.
„Очекуваме Европската комисија да ги искористи сите можни средства за да спречи усвојување или спроведување на овој закон. Таа може да побара привремена мерка пред Судот на правдата на ЕУ или да обезбеди дополнителна поддршка за независните медиуми и граѓанското општество во Унгарија“, се вели во соопштението.