Лагите и говорот на омраза онлајн се претворија во напад и закана по живот за вработените во ХЕРА

Фото: Веб-сајт на ХЕРА

Неодамна се случи напад врз вработена во ХЕРА во просториите на младинскиот центар „Сакам да знам“ – Водно од страна на непознато лице, информираат од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА. 

Нападот бил извршен од страна на возрасно машко лице. Имено, тој влегол во Центарот за да се информира за достапните услуги, наводно заинтересиран заради здравјето на неговите деца. Вработената му ги објаснувала различните видови на тестирања за сексуално преносливи инфекции кога тој почнал да ѝ упатува навреди и отворено да се заканува дека ќе ја запали и неа и Центарот доколку викне полиција.

Од Ацосијацијата велат дека овој немил настан бил направен со умисла токму поради што следел по низа други сериозни настани со разни заканувања упатени кон нив.

„Наводно сакајќи да ги заштитат традиционалните семејни вредности, радикалните противници на ССО организирано шират лаги и извртуваат информации за да предизвикаат морална паника и страв, притоа отворено дискриминирајќи групи на граѓани и користејќи говор на омраза“, потенцираат од ХЕРА.

Ваквите напади особено се интензивирале во последните две недели од страна на политичката партија „Левица“ од каде, според ХЕРА, се пласирале лажни информации за активности со општините Карпош и Аеродром од кои ХЕРА никогаш не добила финансиски средства за нивно спроведување, најавувајќи ја така обновата на т.н.„десоросоизација“ и хајката против граѓанскиот сектор.

Од ХЕРА апелираат до надлежните државни институции со сериозност да му пристапат на случајот и соодветно да биде санкциониран говорот на омраза, заканите и насилството во јавниот сектор.

Асоцијацијата за здравство и едукација е формирана во јануари 2000 година од страна на шест волонтери, студенти по медицина решени да преземат нешто околу недоволната едукација за ХИВ и СИДА и недостигот на лекови и грижа за луѓето кои живеат со ХИВ во Македонија. Денес како здружение се застапува за подобри политики во слободата на избор и во различностите. Нивната основна цел е да ги омоќува маргинализираните водејќи се од тоа дека за да биде инклузивно, општеството мора да почива на социјалната правда.