„Лаењето на облаците не ги повредува кучињата“ – вечерва се отвора самостојната изложба на Дритон Селмани

фото: Музеј на современа уметност (МСУ)

Во Музејот на современа уметност – Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена самостојната изложна „Лаењето на облаците не ги повредува кучињата“ на Дритон Селмани од Косово. Селмани е еден од тројцата наградени автори за најуспешен автор и дело на минатогодишното 13. Меѓународно биенале на млади уметници. Куратори на поставката се Владимир Јанчевски, Ива Димовски и Благоја Варошанец.

Изложбата на текстуални дела, објекти и видео во Музејот на современата уметност се обидува да воспостави нови релации во дадениот контекст, јасно покажувајќи ги начините на кои Селмани духовито користи специфична форма на хумор за да го истражи и преиспита секојдневието коешто обично се врзува за апсурдни традиции и хиерархиски структури, појаснува МСУ.

Делата се фокусираат на различни прашања од нашата несигурна современост, почнувајќи од популарната култура, до доминантните дискурси на моќта, кои ги обликуваат нашите животи и ги преиспитуваат историските наративи, стереотипите, чувството на припадност и исклученост.

„Понекогаш само се обидувам да ја пренесам оваа состојба на умот на уметнички дела, кои несвесно содржат хумор, како критика на она што ние веруваме дека е дефинитивно“, вели Селмани.

Интервенирајќи во областа на јазикот, од старата народна мудрост до поезијата и детските игри, практиката на Селмани ги допира стравовите, неволјите и грижите што ги изразуваат обичните луѓе, се вели во соопштението од МСУ.

Изложбата „Лаењето на облаците не ги повредува кучињата“ ќе биде отворена до 25 февруари догодина.