fbpx

„Курир“ му ѕирна во аналитиката на „Плусинфо“

-

„Плусинфо“ денеска објави текст со наслов „Кај ци бе ти, Курир?“ во кој се вели дека четири интернет-портали, кои се критички настроени кон власта, во јануари годинава се пласираа меѓу првите 20 на листата најпосетувани интернет-медиуми, според истражувањето на „Гемиус“. Бранко Героски, раководител на проектот „Плусинфо“, тврди дека податоците за читаноста на неговиот портал, а кој ги објави „Курир“, се презентирани без дозвола.

Во текстот се тврди:

„Иако истражувањето на „Гемиус“ често е оспорувано од разни страни, интересно е да се каже дека во статистиката за овој месец се забележува драстична промена на листата. Меѓу првите 20 ги нема провладините портали Курир, Република, Нетпрес, Телеграф, Дневник, Вечер… „Честа“ ја бранат Прес 24 и Сител.“

На овој текст експресно одговори порталот „Курир“ со текст со наслов: „Чо павиш бе Геро, поздрав од Гугл Аналитикс“, во кој објави фотографи со податоци од сервисот за посетеност на веб-сајтови „Гугл аналитикс“. На фотографиите се наоѓаат податоците за читаноста на „Плусинфо“, до кои единствено може да дојде корисникот на сметката за логирање кон овој сервис.

Според Героски, секоја веб-страница што има профил на „Гугл аналитикс“ го отвора со корисничко име и со лозинка.

– Изводи од нашата аналитика ние повремено им доставуваме на рекламните агенции, на нивно барање. Претпоставувам дека некоја од нив постапила неетички и податоците ги доставила до „Курир“. Како и да е, ние сме апсолутно задоволни од посетеноста на нашиот портал, бидејќи не ја билдаме со скрипти, со партиски кликачи, со спамирање на групите на „Фејсбук“ и на други слични начини. „Плусинфо“ е популарен, сериозен и влијателен веб-портал, неспоредлив со пропагандното гласило „Курир“. Рангирањето на „Гемиус“ недвосмислено покажа висок скор на порталите кои се критички настроени кон власта и тоа е она што сега ги нервира „куририте“. И ќе продолжи да ги нервира, бидејќи луѓето не сакаат да читаат пропаганда и лаги, тие сакаат да читаат за вистината – изјави Героски за новинската агенција „Мета“.

Одговор на прашањето од каде им се податоците за читаноста на „Плусинфо“, побаравме и од главната и одговорна уредничка на „Курир“, Ивана Цветановска, која ни рече дека е „во гужва“, а одговор ќе ни даде за две минути.

Сепак, и по повеќе часови, одговор не добивме, а Цветановска не се јавуваше на телефон.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.