Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, на акција за чистење диви депонии. 7 мај 2021. Фото: Фејсбук-страница на Максим Димитриевски.

Апелирам до граѓаните да не го исфрлаат отпадот непрописно, никогаш не можеме да исчистиме толку колку што самите може да уништиме и загадиме, порача градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, на почетокот на еколошката акција ГЕНЕРАЛКА викенд во рамките на проектот „Зелена сончева“, кој се одвива под мотото „За чисто како дома исто“.

Во акцијата учествуваат и Секторот за комунални работи, инфраструктура и сообраќај и заштита на животната средина и природата, ЈП „Чистота и зеленило“ – Куманово, припадници на АРМ како и НВО „Кумановски акцијаши”.

Градоначалникот Максим Димитриевски посочи дека на територијата на општината има над 70 локации што се диви депонии, кои се чистат и пак се создаваат, и апелираше граѓаните да бидат совесни кон околината.

„Мило ми е што постои колективна свест за овој проблем којшто го имаме во градот. За жал, имаме над 70 вакви локации на територија на нашата општина, дури во секое поголемо или помало село, урбаните и рурални делови на градот се создаваат диви депонии. Оваа локација којашто денеска ја чистиме заедно со сите активисти, со помош на Армијата, невладиниот сектор, ЈП „Чистота и зеленило“ и сите останати волонтери е чистена досега пет пати во рамки на мојот мандат. Апелирам до граѓаните и ги молам да не го исфрлаат отпадот непрописно. Имаме јавно претпријатие, доколку има потреба ќе се јават таму и во секој момент можеме да доставиме голем контејнер за габаритен отпад, за градежен шут. Дополнително повикувам да се придржуваат до законот за комунална хигиена и чистота бидејќи на овој начин се уништуваме самите себеси“, потенцираше Димитриевски.

Тој најави и чистење на речното корито.

„Но, пак ќе повторам, никогаш не можеме да исчистиме толку колку што самите можеме да уништиме и загадиме. Токму затоа, апелирам до сите да не го изнесуваат и депонираат комуналниот отпад на диви депонии, туку да се придржуваат до законот“, рече Димитриевски.