fbpx

Куманово, два месеци по шокот: Траумата помина, неспокојот остана

-

И по два месеци јавноста е сè уште обременета од мистеријата и чека од надлежните институции да одговорат на прашањето што точно се случи на 9 и на 10 мај во Куманово и кој е одговорен за тоа.

Од МВР за „Мета“ велат дека истрагата е сè уште во тек, а одговорите на бројните прашања, меѓу кои и тие за мотивите на групата и за околностите за тоа што се случи на 9 мај, треба да ги даде судот.

– Истрагата трае сè додека не биде поднесен обивнителен акт и случајот не биде предаден во суд. Истрагата ја води обвинителството, а судот ги утврдува фактите, како и тоа кои биле мотивите на групата. Ние ги кажавме сомневањата дека групата имала цел дестабилизација на државата, преку нападите што ги планирала. Кои им биле мотивите, ќе треба да кажат осомничените во судската процедура, врз основа на што судот ќе донесе и конечна одлука – вели за „Мета“, помошникот-министер за односи со јавноста на МВР, Иво Котевски.

„Не е исто како пред случувањата на 9 и на 10 мај. Не може да биде исто, бидејќи тоа што го искусивме е тешко прифатливо за човек. Сега и на секој посилен звук, удар на предмет се пресекуваме. Сè уште постои некакво непријатно чувство“, велат жители на кумановското Диво Насеље, кои ги посетивме два месеци по полициската акција за, како што информираа од Министерството за внатрешни работи, неутрализирање на терористичка група, која била утврдена во населбата.

Првиот впечаток е дека населбата полека си го враќа спокојот на секојдневието од шокот што го доживеа пред два месеци. Улиците ги затекнавме дел празни, веројатно поради топлото време и рамазанските пости. Сосем спротивна слика од онаа ден по акцијата, кога толпи луѓе од целиот град се слеваа по тесните улички, меѓу уништените куќи, од кои сè уште се креваше чад. Полиција не забележавме никаде, ниту во населбата, ниту на приодите.

Сега, на некои улици наместо полициски оклони возила има градежна механизација, камиони и багери, кои ги расчистуваат местата на кои претходно биле куќите на дел од жителите, кои поради големите оштетувања морале да бидат урнати. Дел, пак, стојат, со дупките од куршуми и од шрапнели, со отстранети покриви кои изгореле во борбите меѓу полицијата и терористичката група.

– По случувањата, се организиравме како кризен штаб да им помогнеме на луѓето. Од почетокот имаше прилив на хуманитарна помош во прехранбени и хигиенски продукти, но на оваа населба, како што гледате, ѝ треба нешто повеќе од тоа бидејќи тука сè е уништено – вели Шабан Демири, жител на населбата, кого го сретнавме покрај еден од објектите што функционира како своевиден кризен штаб за координација на хуманитарната помош што стигнува за населбата.

Тој вели дека донациите претежно доаѓаат од земјава, од Струга, Дебар, Кичево, Тетово, Гостивар, Скопје, а понекогаш и од дијаспората.

– Соработуваме со сите организиации што се присутни на овие простори. Доаѓаат претставници на ОБСЕ, Хелсиншкиот комитет, „Хјуман рајтс воч“. Пред неколку дена имаше екипа на Обединетите нации, кои се заинтересирани да помогнат со проекти во населбата. Македонскиот црвен крст уште од првиот ден беше активен и донесе хуманитарна помош. Имаме поддршка од сите, од Македонци, Албанци, од луѓе без разлика на националната и на верската припадност – вели Демири.

Според него и неговиот пријател Сефер Сефери, во борбите пред два месеци биле оштетени вкупно 69 куќи.

Околу 120 семејства или 549 жители на населбата останале без покрив над глава, односно директно биле погодени од настаните.

– Луѓето се сместени кај роднини, пријатели или под кирија. Двата хотела, „Кристал“ и „Куба“, кои беа употребени како прифатни центри, не функционираат бидејќи се во незавидна состојба. Од Владата имаше еднократна помош од 100.000 денари и тоа беше за сместување и за тековен живот. Но, тоа не е доволно. Секако, таа помош е добредојдена, но за семејство на кое сè му е изгорено и уништено, сепак е малку, а луѓето имаат, пред сè, голема потреба од покуќнина – велат нашите соговорници.

Дел од мерките за помош на жителите, според нив, се и намалувањето и неиспорачувањето на сметките за електрична енергија и за дел од другите комунални давачки за жителите, во периодот по 10 мај.

Жителите на Диво Насеље, чии куќи беа оштетени, ги очекуваат парите за санација на штетети по процените што ги направиле владините комисии формирани по настаните.

Сепак, има и случаи каде дел од засегнатите жители се жалат на вредноста на проценетата штета и на некои неправилности при распределбата на средствата.

– Имавме стара куќа, стара, но зачувана и добра за живеење. Штетата беше проценета на околу 1.200 евра и толку ќе добиеме. Но, ние моравме да ја урнеме куќата. Од пукањето, беа попуштени потпорните столбови, а подот на катот пропаѓаше, по него не можеше да се гази – вели жителка на населбата, која со своето семејство сега живее во мал објект до куќата, која морале да ја урнат.

И тогаш, пред два месеци, но и сега, на прашањето што точно се случи во Диво Насеље, жителите немаат одговор и истото прашање и самите си го поставуваат.

– На безбедносен план немаше проблеми ниту пред настаните ниту по нив. Меѓуетничките односи во Куманово и во населбата секогаш биле добри и ќе останат такви. Сè се случи во еден ден. Сега тоа ми доаѓа како сон, лош сон. Но, за жал, беше реалност. Страшно. И не дај Боже никогаш да не се повтори. Добро е што немаше жртви меѓу цивилното население и што луѓето се држеа добро – вели Демири.

Во полициската акција во Куманово загинаа осум припадници на специјалната полициска единица, а 37 беа ранети.

Од членовите на терористичката група беа ликвидирани 10 лица и беа уапсени триесетина, меѓу нив и четворица жители на населбата, кои сè уште се во притвор.

Два месеци по случувањата во Куманово нејасно и неодговорено останува:

Кои биле вистинските мотиви и цели на кумановската група?
Дали станува збор за чисто криминална или за терористичка организација?
Доколку се терористи, зошто не излегоа со коминике и со некакви политички барања?
Ако безбедносните служби подолго време ја следеле групата и навреме известиле за неа, како што тврди Агенцијата за разузнавање, зошто не бил превениран судирот во Куманово и претходно нападот на караулата Гошинце?
Кое е кодното име на полициската акција во Куманово?
Дали во настаните биле вмешани странски служби?

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

По вторпат транспортирано лице со мозочен удар од Унгарија со полициски хеликоптер

Лице со мозочен удар денеска беше превезено од Уггарија во земјава со полициски хеликоптер на МВР, опремен со потребна медицинска опрема за таков лет. Ова е вторпат да се...