Културните настани на затворено ќе се одржуваат со 30 отсто од капацитетот на салите

Фото: Kyle Head, Unsplash

Кината, театрите и другите установи каде што се одржуваат културни манифестации повторно ќе се отворат и за нив ќе важат протоколите за организација на настани кои ги усвои Владата. Според препораките, настаните на отворено ќе се организираат со 50 проценти од капацитетот на местото каде што се одржуваат и ограничен број до максимум 1.000 посетители. Додека пак, настаните на затворено ќе бидат реализирани со 30 проценти од капацитетот на местото каде што се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители.

Задолжително ќе биде носењето лична заштита на лицето на сите посетители и сите членови на тимовите задолжени за организација, а воедно ќе треба и да се одржува физичка дистанца од два метри. Престојот на публиката на настанот задолжително ќе се регулира со обележани места за седење, поставени на дистанца од 1,5 до 2 метри, а забрането е стоење и групирање на посетителите од публиката.

Предвидена е задолжителна дезинфекција на раце на влез на сите посетители и сите членови на тимовите задолжени за организација, но и за времетраење на настанот. Исто така, задолжително е присуство на редарска служба која ќе го контролира спроведувањето на горенаведените мерки на влезот, но и во просторот каде се одржува настанот.

Со протоколите се препорачува електронска продажба на билети, но доколку е потребно да има билетара, тогаш пред неа да се обележи растојание, односно место за чекање од 1,5 до 2 метри, со што и помеѓу вработениот и посетителот ќе има растојание или пак, заштитна бариера.

Од Владата уште еднаш апелираат до граѓаните дека овие препораки не важат за приватни веселби, туку се однесуваат исклучиво на кината, театрите, балетските и оперски претстави, филмски проекции, концерти, мултимедиумски проекти, фестивали и манифестации од дејноста на културата.

„Синеплекс“ и Кино Милениум веќе ги објавија протоколите на своите веб страни и ги повикаа посетителите да ги почитуваат предвидените мерки при посета на кината.

Поради пандемијата, со цел да се спречи ширењето на корона вирусот, во март се затворија кината, театрите, музеите и сите други институции каде што може да се одржуваат масовни собири, настани, концерти и други културно информативни настани.