„Куклици“ од Андреј Ал-Асади ја доби наградата „Енхалон“ за најдобра песна при СВП

Фото: Фестивал Струшки вечери на поезијата

Поетот Андреј Ал-Асади за песната „Куклици“ е добитник на наградата „Енхалон“ за најдобра песна од млад автор што се доделува на „Струшките вечери на поезијата“.

Во соопштението стои дека во изборот за наградата влегле песни од повеќемина млади, но етаблирани македонски поетеси и поети со изграден впечатлив авторски потпис.

„Станува збор за песна со цврста и стегната структура и силна звучност. Стихот е вешто граден, распореден во строго формирани строфи, а звучноста е комбинација од мајсторски рими, алитерации, асонанци и внатрешно-стиховни созвучија креирани во духот и менталитетот на јазикот. Ваквата структура на песната наметнува соодветна интерпретација, која пак упатува на визуелизација на стиховите во умот на слушателите. Конечно, заумната песна на Ал-Асади ни кажува дека станува збор за поет-мајстор на стиховите, кој длабоко ја осмислува и обмислува својата песна до совршенство“, се вели во образложението за одлуката на жирито.

Со поетското читање „Мостови” и врачување на наградитe, „Златен венец“, „Браќа Миладиновци” и „Мостови на Струга” синоќа заврши официјалниот дел на 61. издание на меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“.

Фестивалот традиционално ќе се заокружи со поетско читање во Скопје, кое ќе се одржи вечерва во „Даутпашиниот амам“ со почеток во 20:30 часот.