Вистинското место каде што треба да се води политичкиот дијалог и да се постигне консензус е Собранието и тој не треба да се ограничи само на политичките партии, туку во него треба да се вклучи граѓанскиот сектор, експерти и други формални или неформални групи.

Ова денеска го истакна претседателот на македонското Собрание Талат Џафери на конференцијата „Поттикнување на политички дијалог и консензус“ што се одржува во Собранието на која учествуваат пратеници од Европарламентот, пратеници од парламентите на земјите од Западен Балкан, претставници на младински организации.

– Пред четири години кај нас се случија настани кои беа предизвикани од несоодветниот однос на Владата кон младите, поточно кон студентите во врска со донесување закон кој директно ги засегаше студентите. Тогаш Студентскиот пленум со своите активности и организираност ни покажа на нас постарите политичари како не треба да се владее – рече Џафери.

Посочи дека тогаш студентите настапиле сплотени без разлика на нивната етничка припадност и на тоа дали се членови или симпатизери на која било партија, додавајќи оти студентите и младите воопшто се движечка сила што ги придвижува работите кон подобро во новото време на глобализација.

Џафери задоволство што според најновите истражувања на јавното мислење токму младата генерација и повторно без разлика на која етничка заедница припаѓа или, пак, на која политичка опција го поддржува договорот од Преспа и референдумот.

Европратеникот Едуард Кукан, кој е копретседавач на дијалогот на Жан Моне истакна дека Собранието и политичкото лидерство во земјата покажале способност да влезат во дијалог и на тој начин да продолжат во создавањето имплементација на реформите.

Тој смета дека младите луѓе се клучот за иднината на регионот и оти учеството на младите на претстојниот референдум во Македонија може да биде одлучувачко во европската судбина на земјата и ќе го одреди напредокот во европската интеграција на земјата и на регионот.