На Универзитетската клиника за психијатрија неодамна се приклучи нов член, Роџер, 2,5 годишен лабрадор, кој веднаш стана миленик на персоналот и пациентите. Видеото за лабрадорот кое беше објавено на фејсбук профилот на Клиниката за психијатрија стана вирално.

Вдомувањето на кучето, според директорката на клиниката, проф. д-р Славица Арсова, се прави согласно Animal Assisted Activities, активности поддржани од животни кои имаат за цел емоционална поддршка, смиреност, социјална интеракција и подобрување на психосоцијалната благосостојба на пациентите.

„Присуството на куче во терапијата создава чувство на сигурност, прифаќање и доверба, што помага во воспоставување контакт, подобрување на емоционалната регулација и зголемување на мотивацијата на пациентите да се вклучат во терапијата“, вели проф. д-р Арсова.

Активностите на Роџер се одвиваат индивидуално или во групи, секогаш под надзор на стручен тим и со согласност на пациентите. Лабрадорот има свој бокс и куќичка пред влезот на клиниката, редовно е на ветеринарни прегледи и има уреден здравствен и вакцинален статус.

„Лабрадорите се смирени, трпеливи и предвидливи, имаат висока емпатија и социјална интелигенција. Интуитивно реагираат на човечки емоции и природно нудат утеха преку контакт и присуство, без да се наметнуваат“, додава директорката.

Роџер започнува со активности во 8 часот наутро во дневната болница, а неколку пати дневно оди на долги прошетки со вработени или доброволци од редот на пациентите. Лабрадорите, како раса, се идеални за вакви активности бидејќи брзо учат, лесно следат команди и имаат висока толеранција на физички контакт.